Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
Претрес: Како специјалец од ЕБР заглави сo дрога и оружје и што кријат пораките за групата од Грчец
1 мес.
media-library57i6ivhg5bg59htlQsn

Ќе им се суди на лицата кои му помогнале на возачот кој усмрти жена во Капиштец да избега, откриено како го изнеле низ државава

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против маж и жена кои се товарат дека како соизвршители му помогнале да побегне на осомничен за сообраќајна несреќа со смртни последици, што се случи на 9 јануари во скопската населба Капиштец. Двајцата се обвинети за кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело, казниво според член 365 став 2 од Кривичниот законик.Според обвинението, тие со умисла му помогнале на лице осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице. Со патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, веднаш по несреќата дошле до домот на осомничениот, го зеле него и неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Република Србија. Откако ги оставиле таму, помагачите се вратиле во земјава околу полноќ.Со обвинението, јавниот обвинител доставил и предлог до судот за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот маж и куќен притвор за обвинетата жена.Во меѓувреме, осомничениот за сообраќајната несреќа со смртен исход сѐ уште е недостапен за органите на прогонот. По него е распишана централна и меѓународна потерница по барање на Основното јавно обвинителство Скопје.Станува збор за Саитов Саит, роден на 6 април 2007 година во Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете, со последна пријавена адреса на улицата „Дом Ндуе Битичи“ во Скопје. Тој се бара поради сомнение за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, казниво по член 300 од Кривичниот законик.Според досегашните наоди од истрагата, на 9 јануари осомничениот управувал патничко возило „фолксваген пасат“ по улицата „Народен фронт“, без да поседува важечка возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на условите на патот и сообраќајот. При непрописно поместување налево, навлегол во коловозна лента наменета за спротивен правец и удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот.Од ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна починала. Наместо да ѝ укаже помош, возачот го напуштил местото на несреќата и станал недостапен за надлежните органи.Од обвинителството информираат дека истрагата продолжува и дека паралелно се преземаат дејствија за утврдување на евентуална одговорност и на други лица поврзани со овој настан. Од МВР апелираат граѓаните, доколку имаат сознанија за движењето или престојот на осомничениот, веднаш да ја известат полицијата.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Украина под нов жесток удар, Киев во мрак, Запорожје на праг на катастрофа

Војната во Украина влезе во 1.424. ден, можности за мир само се најавуваат, а борбите продолжуваат со сериозни предупредувања од претседателот Володимир Зеленски дека Русија подготвува нови масовни напади низ земјата.Во вакви услови е договорено само ограничено и привремено примирје, исклучиво за да се овозможи поправка на последниот резервен далекувод во нуклеарната централа Запорожје.Киев се соочува со најтешката енергетска криза од почетокот на војната. Градоначалникот Виталиј Кличко предупреди дека главниот град располага со едвај половина од потребната електрична енергија, по разорните руски напади врз енергетската инфраструктура.Западната поддршка продолжува. Претседателот на Чешка, Петр Павел, најави дека Украина ќе добие борбени авиони способни за соборување непријателски дронови, додека Велика Британија јасно порача дека нема разговори со Путин, туку фокусот е исклучиво на поддршка на Украина.Во исто време, Кремљ тврди дека сè уште не е утврден датум за средби со американски претставници.Меѓународната агенција за атомска енергија потврди локален прекин на огнот околу Запорожје, но клучното прашање останува: колку долго може да трае овој кревок договор додека војната влегува во уште поопасна фаза?

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryvv9vku6qra876JpAOvS

(Видео) Еколошки скандал во Ужице: 800 кубици отров се излеа во поток, институциите молчеа со часови

Депонијата „Дубоко“ повторно се претвори во еколошка бомба. Поради хаварија во собирната шахта, во Турски Поток се излеале над 800 кубни метри концентрирани, загадени процедни води, додека надлежните институции со часови не презеле ништо.Реакција имало дури откако граѓанското здружение „Да не дишеме Дубоко“ го пријавило инцидентот. Наместо итна интервенција и јасна одговорност, јавноста доби задоцнето соопштение и неубедливи изговори за „пукната цевка“ и „заштитен балон“.Овој инцидент не е несреќа, туку резултат на системска негрижа и свесно игнорирање на предупредувањата, реагираат невладините здруженија. Уште во ноември беше укажано дека депонијата претставува сериозна закана, но институциите молчеа.Граѓаните револтирано прашуваат:Зошто десет часа никој не реагирал? Кој дозволи овој еколошкиот криминал да се случи? И кој ќе одговара за загадувањето и ризикот по здравјето на граѓаните?

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryp0n926i5olce1D9kuEx

Хаменеи го обвини Трамп

Протестите кои со недели ја потресуваа Иран сега се смирија, но по немирите останаа илјадници загинати и сериозни обвиненија од највисоките власти. Врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хаменеи, го обвини американскиот претседател Доналд Трамп за „жртвите и штетите“ предизвикани за време на протестите, додека организациите за човекови права наведуваат дека во нивното гушење се убиени повеќе од 3.000 луѓе, пренесува Sky News.Во својата прва објава на социјалната мрежа X на 12 јануари, Хаменеи изјави дека го смета Трамп за одговорен за „жртвите, штетите и клеветите изнесени против иранскиот народ“. Претходно, тој ги обвини демонстрантите дека делуваат во име на Трамп и други „странски терористи“, нарекувајќи ги „вандали и разбојници“ кои „ги уништуваат сопствените улици за да го задоволат претседателот на друга земја“. За време на немирите, дел од демонстрантите палеа слики на Хаменеи, што стана симбол на отпорот против режимот.Протестите избувнаа на 28 декември поради економски тешкотии, но брзо се проширија низ целата земја со повици за крај на клерикалната власт. Снимките од 30 декември прикажуваа студенти кои маршираа заедно со трговци во Техеран, викајќи пароли во чест на Реза Шах, основачот на династијата соборена во Исламската револуција во 1979 година.Американската група Human Rights Activists News Agency (HRANA) потврди 3.090 смртни случаи, вклучително и 2.885 демонстранти. Иранската државна телевизија, пак, наведе бројка од 300 жртви. Sky News независно потврди повеќе од 110 смртни случаи, меѓу кои шест жени и 11 деца, истакнувајќи дека приказните на жртвите покажуваат обиди на режимот да ја прикрие бруталноста.Во последните денови нема знаци на нови протести, а животот на улиците во Техеран и другите градови се враќа во нормала. Властите започнаа со пописување на штетите предизвикани од демонстрациите: оштетени се 350 џамии, 126 молитвени сали, 80 домови на имами, 400 болници и стотици возила на итните служби. Пристапот до интернет беше речиси целосно блокиран повеќе од една недела, што го отежнуваше добивањето проверени информации, а организацијата за кибернетичка безбедност NetBlocks забележа „многу слаб раст на интернет-поврзаноста“ по 200 часови прекин.По извештаите за убиствата, Трамп најави дека САД „ќе помогнат“ и воведе царина од 25% за земјите што тргуваат со Иран. Подоцна, тој го промени тонот и му се заблагодари на иранското водство за откажувањето на „над 800 егзекуции“. Американскиот претседател изјави дека никој не го убедил да не напаѓа, туку дека сам се уверил откако егзекуциите беа откажани.Во Вашингтон, на конференција за новинари, прогонетиот ирански престолонаследник Реза Пахлави изјави дека „Исламската Република ќе падне – не ако, туку кога“ и повика на меѓународна помош за свргнување на режимот. Тој понуди да води привремена влада која ќе ја врати земјата во демократија и ќе обезбеди слободни избори, иако аналитичарите сметаат дека неговата изјава за брз колапс на режимот е тешко проверлива, а и самиот Трамп претходно изрази скептицизам кон Пахлави.Поддршка за иранската опозиција се изрази и со протести низ светот. Пред иранската амбасада во Лондон избиле насилни немири, при што беа повредени неколку полицајци, а четири лица се пренесени во болница. Полицијата соопшти за бројни апсења поради фрлање проектили кон службени лица.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-library5buh7sl3hifb7uVcrcJ

Иран повеќе не е поканет на Минхенската безбедносна конференција: „Тоа не би било соодветно“

Организаторите на Минхенската безбедносна конференција соопштија дека ги поништиле поканите упатени до претставници на иранската влада за годинашното издание на настанот, кое ќе се одржи од 13 до 15 февруари, поради жестоката репресија врз демонстрантите во Иран, пренесе агенцијата Франс прес.Портпаролот на конференцијата изјави дека поканите биле испратени пред неколку недели, но дека во светло на актуелните настани одлучено е тие да не бидат уважени. Одлуката доаѓа по масовните протести кои избувнаа во Иран на 28 декември поради високите трошоци за живот и прераснаа во едни од најголемите антирежимски демонстрации од прогласувањето на Исламската Република во 1979 година.Невладината организација „Иран хјуман рајтс“ од Норвешка соопшти дека има потврдени најмалку 3.428 загинати лица, според податоци проверени од организацијата или од независни извори. Други проценки наведуваат дека бројот на жртви надминува 5.000, а според некои дури достигнува и 20.000, но ограничениот пристап до интернет значително ја отежнува проверката на информациите од страна на медиумите и организациите за човекови права.Претходно, портпарол на германското Министерство за надворешни работи изјави дека не се смета за соодветно учеството на иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на конференцијата, имајќи го предвид, како што беше наведено, крвавиот однос на властите кон демонстрантите. Според министерството, на организаторите им било укажано дека таква покана не би била соодветна во актуелниот контекст.Минхенската безбедносна конференција е еден од најзначајните годишни настани на дипломатскиот календар и редовно собира водечки светски политички лидери и функционери. Минатогодишното издание остана запаметено по настапот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги критикуваше европските земји, обвинувајќи ги за поткопување на демократијата и слободата на изразување, оценувајќи дека состојбата со слободата на говор во Европа е позагрижувачка дури и од заканите од Русија и Кина.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
edi-rama-696x523

Рама „се нафрли” на Јавниот сервис: Менаџментот на РТШ е „најмизерната служба на светот“

Албанскиот премиер Еди Рама жестоко го критикуваше Јавниот сервис, дури спомна и опција за негово гаснење. Тој го нарече менаџментот на Албанската радио-телевизија (РТШ) „најмизерната служба на светот“.Рама посочи дека нема да се издвојуваат јавни пари се додека не се спроведат реформи во РТШ. Според него, сите опции се на маса, вклучувајќи затворање, приватизација или партнерство.Тој рече дека јавниот сервис е неуспешен и оти неговото работење е полошо од помалите комерцијални телевизиски станици со помал буџет и кажа дека не ја следел програмата на РТШ од 1990 година и оти претходно им дал можност на директорите да ја подобрат својата работа, но без успех.Здружението на новинари на Албанија реагираше на изјавите на албанскиот премиер, оценувајќи дека неговата реторика „ги стигматизира јавните медиуми“ и предлага драстични решенија што „сериозно би го загрозиле медиумскиот плурализам и уредничката независност“.Здружението повика на длабинска реформа на РТШ преку дијалог со експерти и граѓанското општество, почитувајќи ги европските стандарди за слобода на медиумите.Здружението нагласи дека РТШ е институција од јавен интерес, која мора да гарантира непристрасно информирање, култура, образование и еднаков пристап до граѓаните.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
cigari

Здравство: Забраната за пушење во затворени простории е заштита на здравјето, не удар по угостителите

Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, не претставува удар по угостителството, туку законско решение насочено кон заштита на правото на здраво и безбедно работно место, соопштија од ресорното министерство. Со законското решение се предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.Од Министерството нагласуваат дека со законот се воспоставува јасно и универзално правило, без исклучоци и без сиви зони, кое ги штити сите граѓани. Пушењето, како што се наведува, останува личен избор, но затворениот заеднички простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во директен ризик за здравјето на другите присутни.Јавноздравствените анализи укажуваат дека квалитетот на воздухот во затворените простории има директно влијание врз здравјето, при што чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помал број астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања. Во тој контекст, изложеноста на тутунски чад се третира како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на личен животен стил.Посебен акцент во предлог-законот се става на угостителските објекти, каде што токму вработените се најдолго и најинтензивно изложени на чад од цигари и други тутунски и никотински производи. Според Министерството за здравство, државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина, независно од дејноста во која работат.Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека искуствата од европските земји кои веќе вовеле вакви законски решенија покажуваат оти стравувањата од негативни економски последици се неосновани. Како примери ги наведува Ирска, Велика Британија и други држави, каде што ваквите мерки не довеле до пад на приходите, туку до поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти.Според Алиу, забраната за пушење во затворени простории овозможува поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти. Министерството за здравство порачува дека предлог-законот има за цел да воспостави рамнотежа меѓу економските активности и основното право на заштита на здравјето на граѓаните.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
zagadeno-skopje-5

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Водици, затворање на повеќе улици

Министерството за внатрешни работи информира дека на 19 јануари 2026 година, понеделник, поради одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, ќе биде воведен посебен режим на сообраќај на повеќе сообраќајници во Скопје.Како што соопштија од МВР, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за временo затворање на одредени улици со цел непречено и безбедно одвивање на настаните поврзани со празникот.Во централното градско подрачје, за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосницата со улицата „11 Октомври“, и тоа во двете насоки.Во општина Ѓорче Петров ќе бидат затворени повеќе сообраќајници, и тоа патот од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, како и улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“. Дополнително, за сообраќај ќе биде затворена и трасата од црквата „Свети Пантелејмон“, преку улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“, до Железничкиот мост на реката Вардар.Во општина Аеродром, сообраќајот ќе биде запрен на локалниот пат кој води кон населбите Горно и Долно Лисиче.Од СВР Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат униформираните полициски службеници на терен, со цел одржување на јавниот ред и безбедност и избегнување на сообраќајни метежи.

Скопје | пред 1 месец

1 мес.
media-library07rsk17h23nr6R4vmpn

Бизнис без дозвола или заштита на природата: ескалира спорот меѓу „Ескимо Фрирајд“ и НП „Шар Планина“

Откако ренџерите на Национален парк Шар Планина денеска спречија пет ратраци на приватната компанија Ескимо Фрирајд да превезуваат скијачи на високите терени на Шар Планина поради немање соодветна дозвола, компанијата реагираше со остро соопштение во кое ги нападна медиумите и самата институција, тврдејќи дека инцидентот бил неоправдан и дека требало да ѝ се дозволи непречено да продолжи со работа.Од Националниот парк соопштија дека ратраците биле запрени бидејќи вршеле комерцијална дејност без склучена спогодба со јавната установа, што е спротивно на важечката регулатива за движење со моторни возила во заштитеното подрачје. Потсетуваат дека вакви активности се дозволени исклучиво во зоните за активно управување и тоа само по претходно потпишан договор, со цел заштита на природата и биодиверзитетот.Спротивно на ова, од „Ескимо Фрирајд“ тврдат дека со децении придонесуваат за развојот на туризмот и скијањето на Попова Шапка и дека токму поради тие заслуги требало да им се дозволи да продолжат со работа, иако формално немале одобрение. Компанијата, која наплатува услуги за превоз на скијачи до недопрените и неуредени падини на повисоките делови од Шар Планина, наведува дека „20 години управува со фрирајд-операции“, обидувајќи се својата дејност да ја прикаже како придонес од јавен интерес.Во реакцијата, компанијата остро ги нападна медиумите кои известуваа за постапувањето на Националниот парк, обвинувајќи ги дека ја манипулираат јавноста, а притоа тврдеше дека полицијата не ги отстранила нивните вработени од терен, туку тоа го сториле ренџерите на паркот. Дополнително, „Ескимо Фрирајд“ наведе дека авансно уплатиле 5.000 евра кон Националниот парк, но и покрај тоа биле спречени да продолжат со дејноста, иако во секој случај повторно ќе мора да побараат дозвола од истата институција.Компанијата го нарече Националниот парк „нова ултрабирократска институција“ и го обвини дека под превезот на екологија и биодиверзитет, како што наведуваат, селективно постапува и дозволува загадување, сеча и дивоградби низ планината, без притоа да понуди конкретни докази за овие тврдења.Од Националниот парк „Шар Планина“ возвратија дека правилата важат еднакво за сите и дека движењето со ратраци е строго ограничено. Потсетуваат дека во зоните на строга заштита вакви активности се целосно забранети, а во зоните за активно управување можат да се одвиваат само со јасно дефиниран договорен однос.„Операторите задолжително мора да имаат склучено договор со Јавната установа, со кој се утврдува режимот на движење и надзор, со цел да се заштити природното богатство и биодиверзитетот на Националниот парк“, нагласуваат од институцијата, додавајќи дека ќе продолжат со засилени контроли и законско постапување кон сите што ја прекршуваат регулативата.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryd5q3gv47kvmb4v32JUE

САД предупредува на ризици за летови над Мексико и делови од Јужна Америка поради можни воени активности

Американската Федерална управа за авијација (FAA) во петокот издаде предупредување до авиокомпаниите да бидат особено претпазливи при летање над Мексико, земјите од Централна Америка и делови од Јужна Америка, поради ризици од можни воени активности и потенцијални пречки во ГПС-системите.Американската Федерална управа за авијација соопшти дека се издадени официјални известувања за пилотите, кои го опфаќаат воздушниот простор над Мексико, државите од Централна Америка, како и над Еквадор, Колумбија и делови од источниот Пацифик. Предупредувањата стапија на сила во петокот и ќе важат во наредните 60 дена.Оваа мерка доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Соединетите Американски Држави и дел од лидерите во регионот, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп започна значително воено засилување во јужниот дел на Карибите, спроведе воена акција против Венецуела и го уапси претседателот на таа земја, Николас Мадуро. Трамп во изминатиот период најави и можност за други воени дејствија во регионот, вклучително и против Колумбија.Американскиот претседател минатата недела изјави дека нарко-картелите фактички управуваат со Мексико и сугерираше дека САД би можеле да изведат удари врз копнени цели за борба против организираниот криминал, што беше дел од серијата закани за употреба на воена сила против картелите.По објавувањето на предупредувањето, мексиканските власти реагираа со појаснување дека станува збор за претпазлива мерка која не воведува никакви ограничувања за мексиканскиот воздушен простор или за националните авиокомпании. Како што наведоа, известувањето се однесува исклучиво на американските оператори, а авио-сообраќајот во Мексико продолжува да се одвива нормално.По претходната воена операција во Венецуела, Американската Федерална управа за авијација веќе воведе ограничувања за летови во поширокиот карипски регион, што доведе до откажување на стотици летови од големите авиокомпании. Американските власти информираа дека пред тие операции имало координација меѓу цивилната авијација и воените структури.Во еден од поновите инциденти, патнички авион на „ЏетБлу“ на пат кон Њујорк бил принуден да преземе избегнувачки маневар за да спречи судир во воздух со авион-цистерна на Американското воздухопловство во близина на Венецуела, откако воениот авион летал без вклучен транспондер.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryuq4o7i2p2di1eOzLKNr

Зошто алкохолот може да предизвика пролив по ноќ на пиење

Прекумерната консумација на алкохол, покрај главоболка и мачнина, често носи и непријатни дигестивни тегоби, меѓу кои и пролив. Оваа појава, која е релативно честа по ноќ исполнета со пиење, има јасно медицинско објаснување поврзано со начинот на кој алкохолот влијае врз дигестивниот систем.Американскиот гастроентеролог Ендру Блек за списанието Men’s Health објаснува дека алкохолот може да предизвика појава на ретка и воденаста столица затоа што ја надразнува слузницата на цревата. Како реакција на оваа иритација, цревата почнуваат да се движат побрзо и поинтензивно од вообичаено.Кога дигестивниот тракт се забрзува, содржината побрзо минува низ цревата, што значи дека телото има значително помалку време да апсорбира вода и хранливи материи од столицата. Дополнително, самата иритација го нарушува нормалниот механизам на впивање течности, што резултира со пролив. Колку е поголема количината на внесен алкохол, толку е поголема и веројатноста ваквите симптоми да се појават.Како што појаснува Блек, во такви ситуации истовремено се случуваат три процеси: во столицата останува премногу течност, апсорпцијата на вода е намалена, а цревата работат засилено со цел побрзо да ја исфрлат содржината од организмот.За да се намали ризикот од вакви дигестивни проблеми, лекарите советуваат умерено консумирање алкохол, побавно пиење и наизменично внесување алкохол и вода. Важно е и да не се претерува со количините, особено кај лица кои веќе имаат чувствителен дигестивен систем.Доколку ваквите тегоби се повторуваат или се појавуваат и без консумација на алкохол, лекарите препорачуваат консултација со стручно лице, со цел да се исклучат други здравствени причини.

Магазин | пред 1 месец

1 мес.
sad-policija

Трагедија во САД: Дете пукало во таткото откако му бил одземен „Нинтендо свич“

Единаесетгодишно момче од американската сојузна држава Пенсилванија е обвинето за убиство откако, според истрагата, со огнено оружје го застрелало и усмртило својот татко, револтирано затоа што му била одземена играчката конзола „Нинтендо свич“. Трагедијата се случила на 13 јануари во семејната куќа во населбата Данканон Боро.Полицијата била повикана околу 3:20 часот по полноќ, по пријава за „онесвестен маж“. По пристигнувањето, полициските службеници го пронашле 42-годишниот Даглас Диц без знаци на живот, легнат во кревет со прострелна рана во главата. Тој бил во спалната соба што ја делел со сопругата, а која, според судските документи, била поврзана со собата на детето преку плакар.По спроведената истрага, како осомничен бил идентификуван неговиот 11-годишен син. Според полицискиот извештај, момчето, на кое тој ден му бил роденден, влегло во собата извикувајќи дека татко му е мртов, а пред полицајците и мајката рекло: „Јас го убив тато“.Истражителите утврдиле дека пукањето се случило откако родителите легнале да спијат по полноќ. Детето во изјава навело дека денот го поминале убаво, но се налутило кога таткото му рекол дека е време за спиење. На прашањето што се случило, тој им рекол на полицајците: „Пукав во некого“, додавајќи дека целта му бил токму татко му.Според судските документи, момчето објаснило дека клучот од сефот со оружје го нашло во фиока во родителската спална соба, додека го барало „Нинтендо свич“, кој претходно му бил одземен. Откако го отклучило сефот, внатре пронашло пиштол.Во изјавата до полицијата, детето признало дека го извадило оружјето, ставило куршуми, се доближило до креветот од страната каде што лежел таткото и пукало. На прашањето што мислело дека ќе се случи, одговорило дека било лути и дека не размислувало за последиците.На момчето му е одбиена кауција, а судското рочиште е закажано за 22 јануари. Случајот предизвика силни реакции во американската јавност и повторно го отвори прашањето за безбедноста на оружјето во домовите со деца.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
popova-sapka

Минус три во Скопје-Петровец, снежна покривка до 25 сантиметри на Попова Шапка

Утрово низ Македонија се измерени ниски температури, со минусни вредности во повеќе делови од земјата. Најстудено било во Скопје-Петровец, каде што се измерени -3 степени, додека -2 степени се регистрирани во Тетово и Маврови Анови. Температура од -1 степен е измерена во Штип и Берово.Со нула степени утрово биле Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Демир Капија, Кавадарци и Крушево. Во Крива Паланка, Прилеп, Струмица и Велес се измерени 1 степен, додека 2 степени биле регистрирани во Охрид, Претор и Битола. Највисока температура од утринските часови, 3 степени, е измерена во Виница.Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека најниската минимална температура изутринава е регистрирана на Попова Шапка, каде што живата во термометарот се спуштила до -4 степени. Најтопло било во Гевгелија, со измерени 6 степени.Покрај ниските температури, регистрирана е и снежна покривка во планинските и повисоките места. Највисока снежна покривка изутринава е измерена на Попова Шапка и изнесува 25 сантиметри, додека во Маврови Анови и во Крушево се измерени по 7 сантиметри снег.Метеоролозите најавуваат дека студеното утро е карактеристично за овој период од годината, а граѓаните се повикуваат на внимателност, особено во сообраќајот и при движење по планинските патишта.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
jens-stoltenberg-1

Столтенберг предупредува: Ништо не е загарантирано кога станува збор за иднината на НАТО

Во услови на растечки тензии поради американските претензии кон Гренланд, поранешниот генерален секретар на НАТО и актуелен министер за финансии на Норвешка, Јенс Столтенберг, порача дека Европа не смее лесно да ги игнорира пораките што доаѓаат од Вашингтон. Во интервју за германскиот магазин Der Spiegel, Столтенберг изјави дека изјавите на Соединетите Американски Држави за преземање контрола врз Гренланд мора да се сфатат сериозно.„Мораме сериозно да ја сфатиме изјавата на Соединетите Американски Држави дека сакаат да ја преземат контролата над Гренланд“, нагласи Столтенберг, коментирајќи ги пораките на американскиот претседател Доналд Трамп.Тој ги отфрли шпекулациите за скриени мотиви зад американската политика кон овој арктички остров, истакнувајќи дека официјалните објаснувања од Вашингтон се поврзани со безбедносните интереси на САД и со природните ресурси.„Го прифаќам она што Трамп и другите американски претставници го кажуваат – наведуваат безбедносни интереси на Соединетите Држави, а понекогаш зборуваат и за природни ресурси. Можам само да укажам на тоа и не сакам да нагаѓам кои би можеле да бидат други потенцијални причини“, изјави Столтенберг.Гренланд, кој има висок степен на автономија, официјално е дел од Кралството Данска. Трамп во повеќе наврати отворено порача дека САД сакаат да го анектираат овој остров, што предизвика силно противење кај европските сојузници во рамките на НАТО.Столтенберг потенцираше дека односите со САД мора да се градат внимателно, но и отворено. „Мораме да градиме односи со САД, а тоа значи и да зборуваме кога не се согласуваме со нив. Втората порака е следна: не можам да ветам дека САД ќе останат во НАТО. Никој не може да го вети тоа“, предупреди тој.Досегашните кризисни разговори меѓу САД, Данска и властите на Гренланд не донеле конкретни резултати, додека Трамп тврди дека евентуалното припојување на Гренланд би го спречило зајакнувањето на руското и кинеското влијание во арктичкиот регион. Според Столтенберг, одговорот на ваквите пораки мора да биде јасен и единствен, како од страна на НАТО, така и од Европската Унија.Тој ја поздрави поддршката што Данска ја доби од нордиските земји, Германија и други европски држави, кои јасно порачаа дека Гренланд ѝ припаѓа на Данска. „Најважно е да се спречат понатамошни дејствија“, истакна Столтенберг.Говорејќи пошироко за иднината на НАТО, тој предупреди дека опстанокот на Алијансата не смее да се зема здраво за готово. „Ништо не е врежано во камен, работите можат да се променат“, рече Столтенберг, нагласувајќи дека зајакнувањето на трансатлантската кохезија е клучно, без разлика на тоа каква ќе биде идната улога и посветеност на САД кон НАТО.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-library17ha8utr4t2h1en6IQQ

Протести на Гренланд и во Данска против плановите на Трамп за преземање на островот

Илјадници граѓани преку социјалните мрежи најавија дека ќе учествуваат на протести на Гренланд и во Данска, како реакција на најавите и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста Соединетите Американски Држави да преземат контрола врз арктичкиот остров. Протестите се планирани во Копенхаген, Орхус, Олборг, Оденсе, како и во главниот град на Гренланд, Нук, на иницијатива на повеќе гренландски организации.„Целта е да се испрати јасна и едногласна порака во корист на почитувањето на демократијата и основните човекови права на Гренланд“, соопшти организацијата Уагут, национално здружение на гренландски граѓани во Данска, преку својата интернет-страница.Заедно со граѓанското движење „Рацете подалеку од Гренланд“ и коалицијата на локални гренландски здруженија Инуити, организаторите најавуваат дека ќе го искористат присуството на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген за нивните пораки да добијат поголема меѓународна видливост.Од враќањето на власт пред една година, Трамп редовно ја споменува можноста за преземање контрола врз огромниот, стратешки важен, но слабо населен арктички остров кој е дел од Кралството Данска. Тој тврди дека Гренланд мора да биде „обезбеден на овој или оној начин“ со цел да се спротивстави на, како што ги нарекува, руските и кинеските интереси на Арктикот.Во петокот вечерта, неговиот близок советник Стивен Милер ја потврди позицијата на САД во интервју за „Фокс њуз“, истакнувајќи дека Данска, и покрај почитта, е мала држава со ограничени економски и воени капацитети и дека, според него, не е во состојба самостојно да го брани Гренланд. Тој додаде дека САД не планираат „да трошат милијарди долари за одбрана“ на територијата, доколку суверенитетот остане во рацете на Данска.Протестите, закажани за сабота, доаѓаат само неколку дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските власти признале дека во моментов не постои реална можност за договор со американската администрација за иднината на автономната територија. Иако повеќе европски лидери јавно ѝ изразија поддршка на Данска, како една од основачките членки на НАТО, американскиот претседател во петокот се закани со воведување царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план за преземање на Гренланд.Повикот за протести е упатен и до жителите на Нук, со цел спротивставување на, како што наведуваат организаторите, „незаконските планови на Соединетите Американски Држави за преземање контрола над Гренланд“. Во исто време, Франција, Шведска, Германија и Норвешка, со поддршка и од Холандија, Финска и Обединетото Кралство, најавија распоредување воен персонал за извидничка мисија на Гренланд, во рамки на данската вежба „Арктичка издржливост“, која се реализира во координација со сојузниците од НАТО.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-library44763hu88e6bcDJliEX

По поразот од Данска, целосен фокус на Португалија: Македонија утре игра за продолжување на надежите

Македонската ракометна репрезентација со убедлив пораз го отвори настапот на Европското првенство, откако синоќа загуби од кодомаќинот Данска со 36:24. Иако разликата од 12 голови беше очекувана со оглед на квалитетот на противникот, избраниците на селекторот Кирил Лазаров во добар дел од натпреварот успеаја пристојно да му парираат на актуелниот светски и олимписки првак, пред речиси 15.000 навивачи во салата во Хернинг.Веќе утре Македонија ја очекува можеби клучната пресметка за пласман во следната фаза, противник ќе биде Португалија, селекција која шампионатот го отвори со победа над Романија од 40:34 и во текот на целиот меч имаше резултатска контрола.По поразот од Данска, селекторот Кирил Лазаров информираше дека денешниот тренинг е откажан, со цел репрезентативците да се одморат и физички и ментално пред важниот дуел во второто коло. Тој се осврна и на отсуството на двајцата искусни ракометари, Никола Митревски и Жарко Пешевски, кои не беа во составот против Данска.„Причината за нивното отсуство се ситни повреди. По разговор со играчите, медицинскиот тим и стручниот штаб донесовме одлука да не настапат. Да беа целосно здрави, сигурно ќе играа. И двајцата имаат добра сезона зад себе и се надевам дека ќе бидат подготвени за неделниот дуел со Португалија“, изјави Лазаров.И покрај убедливиот пораз, атмосферата во македонскиот табор останува оптимистичка. Павле Атанасијевиќ, кој постигна два гола против Данска, потенцира дека клучот за успех против Португалија ќе биде концентрацијата и минимизирањето на грешките.„Имаат опасна полуконтра и брз центар, знаеја да нè казнат по секоја наша грешка. Данска е минато, сега фокусот е Португалија. Мора максимално да се посветиме и да оствариме добар резултат. Тие играат брз ракомет, но ние одиме на победа“, изјави Атанасијевиќ.Фајтерски настап против Данска имаше и пикерот Марко Стојковиќ, кој успеа да се запише и во листата на стрелци. Младиот ракометар истакна дека, и покрај поразот, Македонија има реални шанси да ја мине групната фаза.„Мора да сме свесни дека Данска се светски и олимписки прваци. Дадовме максимум иако тие беа подобри. Пред нас се уште два натпревари. Чувството да се игра пред 15.000 гледачи е одлично, а сега фокусот мора да биде 200 отсто на Португалија и Романија ако сакаме пласман понатаму“, рече Стојковиќ.Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра во недела во Хернинг со почеток во 18 часот, додека последниот дуел од групната фаза против Романија е закажан за 21 јануари.

Спорт | пред 1 месец

1 мес.
media-library1fm6rm518418aPYkYXc

Жестока расправа за измените на Кривичниот законик: „Правна козметика или заострување на казните?“

Во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците започна јавната расправа по предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Расправата предизвика значителен интерес во стручната јавност, а за збор се пријавија 13 учесници од областа на правосудството, меѓу кои адвокати, универзитетски професори, истакнати правници и претставници на невладиниот сектор.Најголемиот дел од забелешките беа насочени кон членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотребата на службената положба и овластување, особено во контекст на измените од 2023 година, за кои дел од стручната јавност смета дека довеле до фактичка амнестија на функционери. Критики беа упатени и кон делот од измените поврзани со кривичните дела што произлегуваат од имплементацијата на Сејф сити системот.Професорката на Правниот факултет и поранешна потпретседателка на СДСМ, Ана Чупеска, оцени дека предложените измени претставуваат „правна козметика“ и инструмент на политичка моќ, насочен кон заштита на политичките елити. Според неа, преку јазични формулации и субсидијарни клаузули се овозможува свесно амнестирање на службени злоупотреби.Од друга страна, адвокатката Ружица Николовска изрази став дека измените во членот 353 се во позитивна насока, бидејќи се проширува опфатот на делото со искористување на службената положба или овластување, а воедно се предвидува и заострување на казнената политика преку зголемување на санкциите.Адвокатот Звонко Давидовиќ оцени дека законскиот текст е недоволно доработен и содржи сериозни недоследности. Тој посочи дека во членот 353 не е предвидено задолжително одземање на имотната корист стекната со кривичното дело, а проблеми гледа и во одредбите поврзани со Сејф сити системот. Како пример, Давидовиќ нагласи дека се предвидува одземање возило за пречекорување на брзината од 50 или 70 километри на час, но не и за управување со 1,5 промили алкохол или под дејство на дроги, што, според него, претставува сериозен пропуст во безбедносната логика на законот.Според образложението на предлагачите, измените на Кривичниот законик имаат за цел отстранување на слабостите во постојните одредби и усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година. Како што беше посочено, тенденцијата на предложените законски измени е унапредување на законските битија и заострување на казнената политика, особено за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 и „Злосторничко здружување“ од член 394.Јавната расправа продолжува, а изнесените забелешки и предлози треба да послужат како основа за евентуални доработки на законскиот текст пред неговото понатамошно парламентарно разгледување.

Македонија | пред 1 месец

1 мес.
media-library093onvuapom94fkfjSt

Зошто Гренланд стана глобална жаришна точка: геополитиката зад амбициите на Трамп

За само неколку недели, Гренланд од маргинална тема се претвори во едно од најжешките прашања на светската геополитика. Клучната улога во тоа ја има актуелниот американски претседател Доналд Трамп, чија отворена желба Соединетите Американски Држави да го преземат островот го постави Гренланд во центарот на глобалните тензии.Климатските промени, новите поморски рути, пристапот до критични суровини и безбедносната архитектура на НАТО одамна го прават најголемиот остров во светот простор каде што се преклопуваат интересите на големите сили, регионалните актери и локалното население. Но, со најавите од Вашингтон, Гренланд прерасна во потенцијална кризна точка што може сериозно да го наруши трансатлантското сојузништво.Трамп неодамна отворено им се закани на сите држави што се противат на идејата за американско преземање на Гренланд, доведувајќи го во прашање и суверенитетот на Данска. Тој изјави дека фактот што Данците пристигнале на островот пред 500 години не им дава право на сопственост, оценка што предизвика силни реакции во Европа.Правниот и историскиот контекст, сепак, оди во корист на Копенхаген. Данскиот суверенитет над Гренланд не е резултат на класична колонијална доминација, туку на долг континуитет на дипломатски и правни одлуки. По распадот на данско-норвешката круна во 1814 година, Данска ја задржала контролата над островот, а во 1933 година Постојаниот суд во Хаг ги отфрлил норвешките барања за источен Гренланд. Денес, островот е дел од Кралството Данска, но со широка автономија, сопствен парламент, официјален јазик и контрола врз природните ресурси.Жителите на Гренланд на референдуми одлучиле да ја задржат врската со Данска, но со зголемена самоуправа, што претставува геополитички компромис: Данска обезбедува безбедност и меѓународен статус, а Гренланд ѝ носи арктичко влијание и пристап до глобалните форуми. Како што истакнува норвешкиот експерт за одбрана Пал Сигурд Хилде, правниот легитимитет на Данска е исклучително цврст и редок во арктичкиот простор, поради што островот со векови не бил предмет на сериозен спор.Паралелно со американските амбиции, расте и отпорот на Гренланѓаните и Данците. Во неколку дански градови, како и во главниот град Нуук, се најавени протести против идејата за преземање на островот, со порака за почитување на демократијата и основните човекови права.За Данска, Гренланд претставува клучна геостратешка полуга. Со островот, земјата учествува во арктичките безбедносни планови на НАТО и во глобалните климатски дебати, што ѝ дава „стратешка длабочина“ каква што ретко ја имаат малите држави. Иако годишната субвенција за Гренланд изнесува околу 500 милиони евра, во Копенхаген таа сѐ почесто се гледа како цена за геополитичка релевантност, а не како социјален товар.И Европската Унија сѐ поинтензивно го гледа Гренланд како стратешки партнер, особено поради потенцијалот за ретки метали неопходни за зелената транзиција и намалување на зависноста од Кина. Дополнително, топењето на мразот на Гренланд игра клучна улога во диктирањето на климатските промени во Европа, што го прави островот своевидна климатска предстража.Од американска перспектива, Гренланд е незаменлива точка за одбраната на северниот Атлантик и континенталните САД. Контролата врз т.н. GIUK-празнина – просторот меѓу Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство – е од суштинско значење за поморскиот и воздушниот сообраќај и за радарската и противракетната одбрана.За самите Гренланѓани, растечката геостратешка важност на островот носи и можности и ризици. Потенцијалниот американски протекторат би можел да донесе инвестиции и економска самостојност, но отвора дилеми за долгорочната политичка контрола. Како што предупредуваат аналитичарите, жителите на островот сакаат независност, а не замена на една метропола со друга.Во услови на зголемени глобални тензии, Гренланд денес се појавува како лабораторија на идната геополитика, место каде што истовремено се судираат климатските, безбедносните и ресурсните интереси на големите сили. Големото прашање што останува е каква цена ќе плати трансатлантското сојузништво доколку борбата за Арктикот дополнително се заостри.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryh6fd8oo6qtl31DPqEPB

„Лансет“: Нема докази дека парацетамолот предизвикува невроразвојни нарушувања кај децата

Земањето парацетамол за време на бременоста е безбедно и не постојат докази дека го зголемува ризикот од аутизам, АДХД или други невроразвојни потешкотии кај децата, покажува нова обемна научна студија, објави BBC.Истражувањето, објавено во престижното медицинско списание The Lancet, претставува сеопфатна анализа на 43 најрелевантни и најквалитетни студии за употребата на парацетамол во бременоста, кои опфатиле стотици илјади жени. Авторите особено се фокусирале на студии што ги споредувале браќа и сестри, методологија која овозможува да се исклучат фактори како генетиката и семејната средина, поради што ваквиот пристап се смета за „златен стандард“ во научните истражувања.Главната авторка на студијата, професорката Асма Халил, изјави дека анализата не покажала никаква поврзаност меѓу употребата на парацетамол и зголемен ризик од аутизам или други развојни нарушувања. Таа нагласи дека пораката од истражувањето е јасна – парацетамолот останува безбедна опција за бремени жени кога се користи според упатствата.Наодите се во согласност со препораките на водечките медицински организации во Обединетото Кралство, САД и Европа. Во студијата се наведува дека претходно пријавуваните поврзаности меѓу парацетамолот и аутизмот најверојатно можат да се објаснат со други фактори, а не со директно дејство на самиот лек.Професорката Халил, која е експерт за фетална медицина на Универзитетот во Лондон, истакна дека парацетамолот е лек од прв избор што им се препорачува на бремените жени при болка или покачена температура. Таа потсети дека нелекувањето на висока температура или болка за време на бременоста може да го зголеми ризикот од спонтан абортус, предвремено породување или развојни проблеми кај детето.Независни медицински експерти ја поздравија студијата, оценувајќи дека ќе придонесе за намалување на стравот и несигурноста кај бремените жени. Професорот Ијан Даглас од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина изјави дека истражувањето е добро спроведено и дека со исклучувањето на студиите со понизок квалитет дава посигурни резултати. Според професорот Јан Хавик од Универзитетот во Берген, студијата нуди силни докази дека употребата на парацетамол во бременоста не го зголемува ризикот од аутизам, АДХД или интелектуални тешкотии.Истражувањето доаѓа по контроверзните изјави на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој во септември 2025 година тврдеше дека неговата администрација го поврзува парацетамолот со аутизмот и ги повика бремените жени да го избегнуваат лекот. По тие изјави, Агенцијата за храна и лекови на САД повика на претпазливост, но истовремено нагласи дека парацетамолот останува единствениот одобрен лек за третман на висока температура во бременоста.Здравствените власти во Обединетото Кралство и понатаму потенцираат дека парацетамолот е најбезбедниот аналгетик достапен за бремени жени, а најновите научни докази дополнително ја потврдуваат таа препорака.

Свет | пред 1 месец

1 мес.
media-libraryifj7namj2f1n0svrrZY

СДСМ: Одлуката на САД за визите е порака, стануваме земја од „третиот свет“

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) оцени дека одлуката на Соединетите Американски Држави да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не претставува „техничка пауза“, туку сериозно предупредување за насоката во која се движи државата.Од партијата наведуваат дека Македонија ја плаќа цената на, како што велат, погрешните политики на премиерот Христијан Мицкоски, кои водат кон затворање, изолација и губење на довербата кај стратешките партнери, при што земјата се доведува во позиција на држава од „третиот свет“.СДСМ ја обвинува Владата дека нејзината надворешна политика е сведена на антиамерикански активности, посочувајќи го вицепремиерот Стоилковиќ како пример за, според нив, отворени проруски ставови и директни врски со Москва.Истовремено, од опозициската партија предупредуваат на, како што ја нарекуваат, агресивна анти-Европска Унија кампања, при што, наместо спроведување реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија и повторно се отвораат, како што велат, затворени прашања со цел да се оправда изолацијата и да се избегнат вистински решенија.Според СДСМ, мерката на САД е индикатор за реалната позиција на Македонија на меѓународната мапа, оценувајќи дека државата се движи кон сериозна меѓународна маргинализација.Од партијата посочуваат дека ова се само првите чекори и потсетуваат дека САД веќе носат Закон за Западен Балкан, насочен кон борба против криминалот и корупцијата.СДСМ најави дека ќе продолжи, како што велат, јасно, гласно и одговорно да ја разоткрива „опасната агенда“ на власта и да се бори против политиките на изолација, криминал и нарушување на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.

Македонија | пред 1 месец

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања