Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

media-libraryjgvaia4f1jn2ahvLhNC

„Потешки денови нема“: Божиќ по трагедиите што оставија тишина во македонските домови

Божиќ, празникот на радоста, надежта и семејната блискост, годинава за дел од македонските семејства дојде со тишина што боли. Наместо смеа и радост, на празничните трпези останаа празни столови, а спомените станаа најтешкиот товар. Меѓу нив се и семејствата погодени од трагедии што ја потресоа јавноста – пожарот во дискотеката „Пулс“, како и сообраќајните несреќи во кои животите ги загубија младите Фросина Кулакова и Теодора Ристова, прегазени на пешачки премини. Своја болка носи и семејството Лешко. кои го изгубија ди-џеј Љупчо, а случајот остана и натаму отворен.Во овие празнични денови, нивните сестри преку јавни објави споделија болни, но искрени исповеди за првиот Божиќ без најблиските – сведоштва за загуба што не поминува.Сестрата на Теодора, Ева Ристовска, напиша дека Божиќ, празникот што отсекогаш ги собирал дома и ги сплотувал со љубов и радост, годинава дошол „тажен и празен“. Таа го опишува моментот на празничната трпеза, празниот стол спроти неа и чинијата што стои недопрена, како сцена во која болката станува физичка.„Залакот тешко низ грло да ми помине, а солзите во очите на мама и тато уште повеќе ја рушат душата“, напиша таа, додавајќи дека нема каде да избега од тагата.И покрај болката, во нејзината порака има и надеж – желба сестра ѝ да биде „добро и да се радува со ангелите“, како и апел Божиќ да донесе повеќе љубов, мир и правда.„Да сме сите на број и да се сакаме повеќе“, пишува таа, завршувајќи со божиќниот поздрав „Христос се роди!“.Слична, но подеднакво потресна е и пораката на Росица Кулакова, сестра на Фросина Кулакова, која го доживува првиот Божиќ без својата „дади“. Таа пишува дека, иако физички продолжила да живее по кобниот 29 јануари, „еден дел од мене засекогаш умре со тебе“. Според неа, загубата не е еден момент, туку низа отсуства што постојано се појавуваат во најобичните секојдневни ситуации.„Одболувањето нема ред, нема правила. Болката не познава граници“, пишува Росица, опишувајќи како тагата се вгнездува во делови од душата за кои човек не ни знаел дека постојат. Таа верува дека Фросина е „горе со ангелите, слободна, насмеана и своја“, додавајќи дека „само еднаш во животот се среќава душа како твојата“.Меѓу другите, и семејството Лешко сведочи за загубата на нивниот Љупчо, кој при пуштање музика во приватен објект каде бил најмен како ди-џеј, загина од струен удар, а правда немаат.„Земјата сврте уште еден круг околу сонцето. И што ? Ништо. Уште една изгубена година во барање надеж и имање верба дека нешто ќе се смени во нашата држава. И додека земјата така си вртеше околу сонцето, нас не затемни црна темнина и додека нашата полутопка беше на осветлената страна. 60 и кусур изгубени млади животи, повеќе од 200 повредени, десетици загинати во сообраќајни несреќи, стотици жртви на семејно насилство, и.т.н. А за општеството и да не зборам“, пишува меѓудругото Раде Лешко.Овие сведоштва се потсетник дека зад статистиките и насловите за трагично загубени животи стојат семејства за кои празниците веќе не се исти. Божиќ, кој традиционално симболизира радост и нов почеток, за нив е и ден на тивка борба со болката – но и ден кога, и покрај сè, се обидуваат да најдат сила во љубовта, спомените и надежта дека правдата и човечноста ќе надвладеат.

Коментари | пред 2 месеци

media-librarym0daidqh1emk0b37MbR

Од алкохол до мотори: Трите избори што, според хоспис-сестра, го скратуваат животот

Медицинската сестра од хоспис (простори за нега на терминални пациенти) Julie McFadden сподели три работи што никогаш не би ги правела, откако со години се грижела за луѓе во нивните последни денови од животот. Низ својата кариера сведочела на илјадници смртни случаи и, како што вели, одблиску видела како телото реагира кога здравјето сериозно попушта.Таа е авторка на книгата „Nothing to Fear: Demystifying Death to Live More Fully“ и преку својот Јутјуб-канал редовно зборува за палијативната нега и процесите што се случуваат на крајот од животот. Токму врз основа на тоа искуство, издвојува три навики и одлуки што, според неа, имаат тешки и често фатални последици.1. Секојдневно консумирање алкохолMcFadden предупредува дека широко прифатената идеја оти „умереното“ секојдневно пиење е безопасно – не е точна.„Клинички е докажано дека секојдневното пиење не е добро за здравјето“, нагласува таа.Самата признава дека во минатото била алкохоличар, но веќе со години е трезна. Според неа, проблем претставува и секојдневното пиење, но и повременото прекумерно консумирање.„Црниот дроб е прекрасен орган што извршува многу витални функции. Кога ќе откаже, последиците се сериозни“, вели таа, додавајќи дека видела доволно луѓе кои починале од цироза и други болести поврзани со алкохол.„Тоа не е добра смрт, а најважно – може да се спречи“, потенцира McFadden, нагласувајќи дека црниот дроб има способност за опоравување доколку се престане или значително се намали пиењето.2. Пушење и вејпингИако многумина го сметаат вејпингот за „побезбедна“ алтернатива, медицинската сестра е категорична дека и пушењето и вејпингот се подеднакво штетни.„Вејпингот не ги оштетува само белите дробови, туку целиот кардиоваскуларен систем“, предупредува таа.Дури и ако не дојде до емфизем, хронична опструктивна белодробна болест или рак на белите дробови, последиците се јавуваат на срцето и крвните садови – со истенчување на нивните ѕидови и сериозни проблеми со циркулацијата.„Гледањето луѓе како умираат од овие болести не е убаво. Иако хоспис-негата може да обезбеди мирна смрт, чувството на недостиг од воздух никогаш не е пријатно“, додава таа.3. Возење мотоцикли и слични возилаТретата работа што McFadden целосно ја избегнува е возењето мотоцикли, квадови и слични возила. Оваа одлука, како што вели, произлегува од искуството во одделите за интензивна и трауматолошка нега.„Со кацига или без кацига – не е добро“, нагласува таа, посочувајќи дека видела „огромен број тешки несреќи и смртни случаи“ поврзани со вакви возила. Според неа, изложеноста и ризикот се толку големи што тоа едноставно не е нешто што би го прифатила, без оглед на мерките за заштита.Пораката што McFadden ја испраќа е јасна: многу од најтешките и најболни смртни исходи што ги видела низ годините биле последица на избори кои можеле да се избегнат или променат навреме.

Магазин | пред 2 месеци

media-libraryq2asteu4cj8i1HavK7m

(Фото) Загрозени земејства потпомогнати за Бадник од фондацијата основана во чест на Адријан Живков, загинат во „Пулс“

Фондацијата „Адријан Живков“ денеска, по повод Бадник – еден од најголемите христијански празници, организираше хуманитарна акција за помош на најзагрозените семејства. Во рамки на активноста беа донирани прехранбени пакети за 10 семејства, со цел да се внесе топлина, солидарност и човечка грижа во празничните денови.„Со љубов, хуманост и искрена грижа внесовме топлина таму каде што беше најстудено“, порачуваат од Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката за ранливите категории останува еден од нивните главни приоритети.Оваа активност следи по неодамнешната донација од 500 новогодишни пакетчиња за сите деца на територијата на Општина Чешиново-Облешево, реализирана преку Фондацијата на денот кога Адријан Живков ќе го славеше својот роденден. Пакетчињата беа поделени во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Соколарци и „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Донацијата опфати и три градинки – „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево и „Штркче“ во Спанчево.Адријан Живков е еден од трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, најголемата трагедија што ја погоди Македонија, во која животот го загубија 63 лица. Според сведоштвата, во кобните моменти тој покажал исклучителна храброст и човечност, обидувајќи се да спаси што е можно повеќе луѓе, при што го жртвувал сопствениот живот.Во негова чест, пријателите ја основале Фондацијата „Адријан Живков“, со цел неговото име да остане симбол на солидарност, емпатија и несебичност. Од Фондацијата истакнуваат дека нивната мисија е долгорочно да обезбедуваат поддршка и помош за оние на кои им е најпотребна, водејќи се од вредностите што Адријан ги живеел и ги оставил како морално наследство.

Македонија | пред 2 месеци

48388075_1911540288966173_2826031705595314176_n_1911540162299519

Циклон носи дожд, силен ветер и снег на планините – температурите во опаѓање

Променливо и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и засилен јужен ветер го зафати поголемиот дел од земјава. Според најновите метеоролошки податоци објавени денеска во 16:30 часот, максималните дневни температури се движеле од 0 степени на Попова Шапка до 18 степени во Струмица.Најстудено било на Попова Шапка со измерени 0 степени, потоа во Маврови Анови со 4 степени, како и во Крушево и Лазарополе со 5 степени. Во Скопје максималната температура изнесувала 10 степени на Зајчев Рид и 13 степени на Петровец. Највисоки температури се измерени во југоисточниот дел од земјата – 17 степени во Гевгелија и 18 степени во Струмица.Во изминатите девет часа, до 16 часот, најмногу воден талог е наврнат на Попова Шапка – 33 литри на квадратен метар. Следуваат Претор со 26, Маврови Анови со 25 и Тетово со 21 литар на квадратен метар. Значителни количини дожд се измерени и во Охрид, Крушево, Битола и Прилеп.Времето денеска и до крајот на денотДенеска времето беше променливо облачно со повремен локален дожд. Дуваше умерен, а на места и засилен јужен ветер, кој во Штип достигнуваше брзина над 60 километри на час. До крајот на денот се очекува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, особено во јужните и источните делови на земјата, како и слаб до умерен јужен ветер.Времето утреУтре времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на квадратен метар, особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен јужен ветер со брзина над 60 километри на час. Минималните температури ќе се движат од 7 до 12 степени, а максималните од 10 до 17 степени.Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремен дожд, поизразен кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен јужен ветер, а температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 14 степени.Прогноза за наредните деновиПод влијание на циклонска активност, во наредните денови времето ќе остане променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Во четврток, поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер, врнежите ќе преминуваат во снег и на повисоките, но и во дел од пониските места. На планините во западните делови се очекува формирање нова снежна покривка, а помала снежна покривка е можна и во пониските предели.Во петок се очекува преодно стабилизирање на времето, додека за време на викендот, особено во сабота, повторно се најавуваат локални врнежи од дожд и снег, на места пообилни. Температурите ќе бидат во постепено опаѓање.

Македонија | пред 2 месеци

media-library1mf4i5o2oikv8Ad7wr4

По расправија во домот, 33-годишна жена пријавена за напад врз сопругот

Полициски службеници од СВР Скопје на 5 јануари 2026 година извршиле службен разговор со двајца сопружници од скопско, постапувајќи по претходна пријава за семејно насилство, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според пријавата, 37-годишен маж пријавил дека на 1 јануари 2026 година, во семејниот дом во скопско, по претходна расправија бил физички нападнат од неговата 33-годишна сопруга.Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, согласно законските прописи.

Скопје | пред 2 месеци

media-libraryd8btfq8b9h6tbQApj07

Украдени неколку парчиња оружје од „Паркови и зеленило“

Во СВР Скопје е пријавена тешка кражба во објект во сопственост на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според пријавата, на 5 јануари 2026 година околу 9 часот, од јавното претпријатие било пријавено дека во периодот од 2 до 5 јануари 2026 година, во барака на подрачјето на општина Карпош, со употреба на физичка сила и алат е извршена тешка кражба.При провалата, од сеф биле одземени неколку парчиња огнено оружје, кое било користено од Службата за обезбедување на јавното претпријатие.Од МВР информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и за пронаоѓање на сторителите.

Скопје | пред 2 месеци

media-libraryn1m9e81qf70jfkAb9QI

Од Алјаска до Патагонија: како САД ја преземаат контролата врз светската нафта и создаваат „нафтено царство“

Кога ќе се собере производството на нафта во Соединетите Американски Држави, Канада и цела Латинска Америка – од Мексико до Аргентина, вклучувајќи ги Бразил, Гвајана и Колумбија – се добива речиси 40 отсто од вкупното светско производство. Денес, сите тие подрачја, сакале тоа некои или не, се наоѓаат под сè поагресивната сфера на влијание на Вашингтон, во рамки на она што аналитичарите иронично го нарекуваат „Донро доктрина“. Со тоа, американскиот претседател Доналд Трамп, според анализата на Хавиер Блас за „Блумберг“, создаде сопствено нафтено царство.Не станува збор за подземни резерви за чие искористување би биле потребни години и милијарди инвестиции, туку за реални барели нафта кои веќе се слеваат на светскиот пазар. Со вакви ресурси, Трамп располага со економска и геополитичка полуга каква што, според проценките, немал ниту еден американски претседател уште од времето на Френклин Д. Рузвелт во 1940-тите. САД денес можат да црпат од огромно „море“ нафта во сопствениот двор.Последиците од практично неограничениот пристап до венецуелските резерви, најголеми во светот, станаа очигледни за целиот енергетски сектор, а особено за геополитичките противници на Вашингтон. Рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој е под американски санкции, отворено оцени дека САД би можеле да ја држат цената на нафтата околу 50 долари за барел, со што би добиле клучна предност против секој што би се обидел да ја зголеми цената преку ограничување на понудата.Фактичката контрола врз нафтното богатство на западната хемисфера ги менува правилата на геополитичката игра. Со децении, американските воени интервенции беа ограничувани од стравот дека конфликтите ќе предизвикаат раст на цените на енергенсите. Денес, Белата куќа има предност и над сојузниците и над противниците кои произведуваат нафта – без разлика дали станува збор за Саудиска Арабија, Иран, Нигерија или Русија.Изминатите 18 месеци, според анализата, веќе покажаа што значи ова ново енергетско богатство за американската надворешна политика. Администрацијата на Трамп презеде чекори кои до неодамна изгледаа незамисливи – од напади врз ирански нуклеарни постројки до поддршка за Украина во напади врз руски рафинерии. Апсењето на Николас Мадуро од неговата обезбедена резиденција во близина на Каракас беше најшокантниот пример досега за тоа што се случува кога нафтата повеќе не го ограничува Пентагон.Контролата врз венецуелската нафта му дава на Вашингтон уште една клучна предност: можноста да одбива туѓи понуди. Со месеци, Кремљ се обидуваше да ги стави сопствените резерви на маса како адут во преговорите со Белата куќа. Сега, Трамп може да му порача на Владимир Путин дека американската економија нема потреба од сибирските полиња – бидејќи нафта има повеќе од доволно во сопствената сфера на влијание.Сепак, анализата укажува дека не е сè заслуга на Трамп. Тој, во голема мера, се најде на власт во вистински момент. Американската нафтна индустрија би доживеала подем и без него, благодарение на експлоатацијата на шкрилците во САД, тешката нафта во Канада и големите откритија во Бразил и Гвајана. Од тие придобивки корист имаа и неговите претходници, Џо Бајден и Барак Обама.Она што Трамп го направи, според Блас, е дека целото тоа нафтено богатство го стави под безбедносниот чадор на Вашингтон. Повеќе од два века по прогласувањето на Монроовата доктрина, со која Латинска Америка беше означена како американска сфера на влијание, Трамп ја „ажурираше“ за 21 век. Овој пат, централната оска не е идеологијата, туку природните ресурси.Во таа нова надворешнополитичка матрица, секоја нафтено богата држава во Латинска Америка има значење, но Венецуела е најголемата награда. Не поради сегашното производство, кое со околу еден милион барели дневно заостанува зад Бразил, туку поради потенцијалот. Во 1970-тите, земјата произведувала над 3,7 милиони барели дневно, а плановите од 1990-тите предвидувале раст до пет, па дури и 6,5 милиони барели. Доаѓањето на Уго Чавез, а потоа и на Мадуро, го запре тој развој.Светот, наведува анализата, можеби нема итна потреба од дополнителна венецуелска нафта денес или во следните неколку години, но потребата ќе се појави во раните 2030-ти. До тогаш, доколку Каракас прифати соработка со Вашингтон, производството може значително да се зголеми.Поредокот по Мадуро, кон кој Трамп очигледно тежнее – со Делси Родригез како привремена власт во форма на „помека“ диктатура – според проценките, им одговара на американските нафтени компании. Таа веќе воведе одредени пазарни принципи за стабилизација на економијата, а нејзините јавни реакции против американската интервенција се сметаат главно за порака до домашната јавност.Самиот Трамп не ги крие очекувањата. Тој јавно изјави дека најголемите американски нафтени компании ќе влезат во Венецуела, ќе инвестираат милијарди долари, ќе ја обноват уништената инфраструктура и ќе почнат да создаваат профит. Неколку часа претходно, за „Фокс њуз“ најави дека САД „многу силно“ ќе се вклучат во венецуелската нафтена индустрија.Иако неговите изјави традиционално се примаат со резерва, вториот мандат покажа дека Трамп реализира голем дел од она што го најавува. Ако вели дека Америка ќе влезе длабоко во венецуелската нафта, тогаш, заклучува анализата, тоа треба да се сфати сериозно. Можеби проектот нема да биде толку грандиозен како што се најавува, но едно е јасно: нафтата на Венецуела веќе е дел од новото американско царство, кое се протега од Алјаска до Патагонија – под будното око на Вашингтон.

Свет | пред 2 месеци

media-librarylq8rhbkf5dbnaM7JRFQ

(Видео) Срца полни љубов, среќа и мир: улица Македонија беше преплавена од деца кои пееја „Вечниот бог“

Улица „Македонија“ денеска беше преплавена со коледари и млади деца кои ја пееја песната „Вечниот Бог“, движејќи се кон храмот „Св. Константин и Елена“ со божикни ѕвезди во рацете. Бадниковата поворка создаде празнична атмосфера, а граѓаните коментираа дека со радост и мир ги следат најмладите, кои и оваа година ја продолжуваат вековната традиција.Во рамки на Бадниковите поворки 2026, дел од учесниците претпладнево традиционално остварија свечена средба со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во храмот беше одржана литургија на која симболично беше најавено Христовото раѓање, а децата ја испеаја коледарската песна „Вечниот Бог“, носејќи ја радосната божикна вест.Неговото Блаженство г.г. Стефан ги даруваше децата со архипастирски благослов и пригодни подароци, испраќајќи порака за верата, љубовта и духовната радост – вредности кои Бадниковите поворки ги негуваат и пренесуваат веќе 16 години.Според организаторите, оваа средба уште еднаш ја потврдила длабоката врска меѓу духовното наследство, народната традиција и новите генерации, нагласувајќи ја улогата на децата како носители на колективната меморија и празничниот дух.Посетата кај Архиепископот претставуваше духовен вовед во централната Бадникова манифестација, која денеска се одржува на Плоштад „Македонија“ во Скопје, како и во уште околу 80 градови и населени места низ земјава и во македонската дијаспора.Почетната точка на скопската поворка беше Музејот на Град Скопје, од каде што точно напладне тргна најголемата Бадникова поворка. Пред почетокот, на оваа локација бесплатно беа поделени божикни ѕвезди и уметнички магнети, како симболичен подарок за секое дете и семејство, во духот на заедништвото и празничната радост.

Скопје | пред 2 месеци

media-library4nigvcra2gqibbsrM3R

Трамп започна 2026 со настап пред републиканците: фокус на изборите и Конгресот

Американскиот претседател Доналд Трамп имаше интензивен почеток на 2026 година, а неговото најавено обраќање започна во 16 часот по македонско време. Непосредно пред да ја напушти Белата куќа, Трамп на својата социјална мрежа објави кратка порака во која најави средба со републиканците од Претставничкиот дом, за кои напиша дека „навистина ги сака (речиси сите!)“.Средбата се одржа во Кенеди центарот во Вашингтон, институција која во изминатите недели се најде во фокусот на јавноста поради контроверзиите околу обидот за нејзино преименување. Управниот одбор, за кој американските медиуми наведуваат дека е лично избран од Трамп, непосредно пред Божиќ изгласал предлог установата да се преименува во „Трамп–Кенеди центар“. Овој потег сè уште не е одобрен од Конгресот и наиде на остри критики, вклучително и од членови на семејството Кенеди.Иако претходно се шпекулираше дека Трамп би можел да се осврне на надворешнополитички теми, како состојбата во Венецуела или изјавите поврзани со Гренланд, неговото обраќање засега беше целосно насочено кон внатрешната политика.Во говорот, кој имаше јасна внатрепартиска димензија и беше насочен кон придобивање поддршка од републиканските пратеници, Трамп зборуваше за претстојните избори за Конгресот, повторно го доведе во прашање начинот на кој јавноста и медиумите ја оценуваат неговата администрација, а оддаде и почит на пратеникот Даг ЛеМалфа, кој неодамна почина.Во текот на настапот, Трамп не ги спомена можните потези во Венецуела, ниту пак повтори претходни изјави поврзани со Гренланд или други надворешнополитички прашања, оставајќи го фокусот исклучиво на домашната политичка сцена и внатрешните предизвици со кои, според него, се соочуваат САД.

Свет | пред 2 месеци

media-library7aj6gfok3i03fEFPEe5

Русија: Судбината на Венецуела треба да ја одлучат Венецуелците, не странските сили

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го поздравува именувањето на Делси Родригез за привремена претседателка на Венецуела, истакнувајќи дека народот на Венецуела треба сам да ја одреди својата судбина, без надворешно мешање.Реакцијата на Москва доаѓа по апсењето на соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро, кој вчера во Њујорк се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за трговија со наркотични дроги, откако американски специјални сили го уапсија во акција што предизвика силни политички потреси во Каракас. По операцијата, политичката сцена во Венецуела е во состојба на забрзано прегрупирање, а дел од институциите веќе најавија привремени решенија за стабилизирање на власта.Во официјалното соопштение, руското Министерство за надворешни работи наведува дека ги поздравува напорите на венецуелските власти за заштита на суверенитетот и националните интереси на земјата. Истовремено, Москва повторно го осуди дејствувањето на САД, оценувајќи дека нападот и апсењето на Мадуро претставуваат опасен чин што може дополнително да го дестабилизира регионот.Русија уште во саботата повика на итно спречување на ескалацијата и на изнаоѓање решение по дипломатски пат, нагласувајќи дека образложенијата за американската интервенција се „невтемелени“. Москва го поддржа и барањето на Венецуела, како и на повеќе латиноамерикански држави, за итно свикување седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.„Во моменталната ситуација, најважно е да се спречи понатамошна ескалација и да се насочат напорите кон изнаоѓање излез преку дијалог“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.Во меѓувреме, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, оцени дека Латинска Америка традиционално се смета за „двор“ на Соединетите Американски Држави и дека постојат индикации оти американскиот претседател Доналд Трамп настојува да воспостави контрола врз нафтените резерви на Венецуела. Медведев го оцени американското дејствување како незаконско и спротивно на меѓународното право.

Свет | пред 2 месеци

media-library4097e5t1147h6PuE8ww

Родителите на дел од загинатите во „Пулс“: Спомен-обележјето не е за оплакување, туку за почит и сеќавање кон децата

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани, основано од родителите и семејствата на трагично загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“, јавно реагира на петицијата што деновиве се промовира преку социјалните мрежи и дел од медиумите, а која се однесува на предложената локација за спомен-обележје на улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“.Од здружението посочуваат дека имаат обврска јасно да укажат на неколку клучни факти кои, како што наведуваат, се во директна спротивност со пораките што се пласираат во петицијата поднесена од 17 граѓани.Прво, потенцираат дека станува збор за јавно зеленило – парк во државна сопственост, наменет за сите граѓани на Кочани, а не за приватен имот или „ничиј двор“, како што се обидува да се прикаже во дел од јавните реакции. Таквото претставување, според нив, создава погрешна и манипулативна перцепција.Второ, родителите нагласуваат дека со поставувањето на спомен-обележјето не се менува намената на просторот. Меморијалниот белег, како што велат, нема да биде масивна градба ниту објект со нова функција, туку дискретен и достоинствен знак на сеќавање, каков што постои во бројни градови во светот.Трето, тие отфрлаат тврдења дека спомен-обележјето ќе биде место за секојдневно оплакување.„Нашата болка е во нашите домови и на вечните почивалишта на нашите деца“, наведуваат од здружението, додавајќи дека меморијалот е предвиден како место за тивко оддавање почит и колективно сеќавање, а не како закана за ничиј мир или јавен ред.Во однос на самата петиција, од здружението потсетуваат дека таа нема правна тежина во процесот на одлучување. Јавната дебата е легитимна и добредојдена, но конечната одлука за локацијата, согласно законските процедури, ја носи Советот на Општина Кочани. Според нив, медиумскиот притисок и едностраните кампањи не можат да ја заменат институционалната одлука.Родителите укажуваат и дека правата на жителите не се ексклузивни.„Сите сме жители на Кочани – и тие што реагираат, и ние, и нашите деца кои трагично ги загубивме“, наведуваат, оценувајќи дека условувањата и обвинувањата за самоволие се непримерни.Додаваат дека, доколку мнозинството граѓани на Кочани смета дека предложената локација не е соодветна, тие ќе ја почитуваат таквата волја, но истовремено го поставуваат прашањето дали загинатите деца заслужуваат трајно спомен-обележје на видливо и достапно место или треба да бидат оттурнати на периферијата, и во просторот и во сеќавањето.Според здружението, иницијативата за спомен-обележје не е приватна желба, туку прашање од јавен интерес и чин на колективна меморија за трагедија што го обележа целиот град и државата. Загрижувачки го оценуваат фактот што петицијата се претставува како „глас на граѓаните“, иако зад неа стои ограничен број поединци, што, како што велат, дополнително ја продлабочува болката на семејствата.„Ова не е прашање на комодитет или навика, туку прашање на достоинство, меморија и совест“, порачуваат од здружението, апелирајќи до медиумите да информираат одговорно и до јавноста да не дозволи болката на семејствата да биде користена за сензационализам или притисоци.Граѓаните на Кочани можат да се произнесат по иницијативата за поставување спомен-обележје преку дигиталната алатка за комуникација „мЗаедница“, каде што е активна анкета на оваа тема.

Македонија | пред 2 месеци

badnik-i-bozhikj-praznici-na-semejstvoto-214496

Лепчето со паричка – на Бадник или на Василица: што вели традицијата

Лепчето или питата со паричка е еден од најпрепознатливите обичаи во македонската народна и православна традиција, но со текот на времето сè почесто се поставува прашањето дали таа се крши на Бадник или на Василица. Иако денес постојат различни практики, етнолошките и црковните толкувања укажуваат на јасна разлика меѓу овие два празника и нивното значење.Во најголемиот дел од Македонија, според старата народна традиција, лепчето со паричка се крши на Василица, на 14 јануари, односно на денот посветен на Свети Василиј Велики, кога воедно започнува и новата година според јулијанскиот календар. Токму затоа, паричката е симбол на среќа, бериќет и благослов за годината што следи, а оној што ќе ја пронајде во лепчето се смета дека ќе биде најсреќен и најуспешен во домот.Бадник, кој се одбележува на 6 јануари, има поинаков карактер. Тоа е последниот ден од божикниот пост и ден на тивка духовна подготовка, смирение и скромност пред Христовото раѓање. Во традиционалната практика, на Бадник се подготвува посно лепче, кое најчесто се дели без паричка. Во поново време, особено во урбаните средини, дел од семејствата ја вовеле паричката и на Бадник, но етнолозите посочуваат дека тоа е отстапување од изворниот народен обичај.Василица, меѓу народот позната и како Стара Нова година, е празник со исклучително богат обреден и симболичен слој. Таа се смета за граница меѓу старото и новото, момент кога се испраќа изминатата година и се повикуваат среќата и благосостојбата за идната. Голем број македонски семејства ја празнуваат Василица како домашна слава, а оние што го носат името на Свети Василиј Велики го одбележуваат и својот именден.На овој ден, покрај кршењето на лепчето со паричка, се практикуваат и други обичаи, како палење василичарски огнови, кои според народните верувања ја симболизираат божествената светлина што ги прогонува злите сили. Во многу градови низ Македонија се организираат и василичарски карневали и маскенбали, како дел од испраќањето на старата и дочекот на новата година, за која се верува дека треба да биде подобра и посреќна.Според теолошките толкувања, коренот на обичајот со лепчето и паричката се наоѓа токму во житието на Свети Василиј Велики. Во него се раскажува дека, кога бил архиепископ во Кесарија, тој собрал накит и златници од жителите на градот за да ги заштити од ограбување. Откако опасноста поминала, а тој не знаел што кому припаѓа, по божествено вдахновение наредил да се направат мали лепчиња во кои биле ставени златници и накит. На денот на Новата година, секој верник добил по едно лепче, а во него го пронашол токму она што претходно го дал. Во спомен на овој настан, се верува дека на денот на Свети Василиј Велики се меси лепче со паричка.Иако денес постојат различни практики околу тоа кога се крши лепчето со паричка, суштината на обичајот останува иста – преку него се повикуваат среќата, здравјето и благословот во домот. Василица, како почеток на православната година по јулијанскиот календар, покрај верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја празнуваат и Српската и Руската православна црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора, што дополнително ја потврдува длабоката вкоренетост на овој обичај во православниот свет.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarysg32rpfbia6l0UWb02m

Пресврт: Американското обвинителство се откажа од тезата дека Мадуро водел „нарко-картел“

Американското Министерство за правда се откажа од една од најконтроверзните и најчесто повторувани тврдења што со години ја следеа политиката на администрацијата на Доналд Трамп кон Венецуела – дека претседателот Николас Мадуро бил водач на наводен нарко-картел познат како „Картел де лос Солес“ (Картел на сонцата).Оваа теза беше централна во обвинението поднесено во 2020 година и служеше како основа групата да биде прогласена за терористичка организација – најпрво од американското Министерство за финансии во 2025 година, а потоа и од Стејт департментот, под раководство на Марко Рубио, објави The New York Times.Сепак, експертите за Латинска Америка одамна предупредуваа дека „Картел де лос Солес“ никогаш не бил вистинска, формално организирана структура, туку колоквијален израз што венецуелските медиуми го користат уште од 1990-тите години за да опишат корумпирани државни и воени функционери вмешани во трговијата со дрога.Се чини дека и самото американско обвинителство сега ја прифатило таа интерпретација. По апсењето на Мадуро, Министерството за правда објави изменето обвинение, во кое тивко се коригираат претходните формулации и се напушта тврдењето дека станува збор за реална криминална организација со јасна хиерархија.Иако обвинителите и натаму го товарат Мадуро за учество во заговор за трговија со дрога, во новата верзија веќе не се наведува дека „Картел де лос Солес“ е формална структура. Наместо тоа, тој се опишува како „систем на покровителство“ и „култура на корупција“ што функционира благодарение на приходите од нарко-трговијата.Промената е јасно видлива и во самиот текст: додека во старото обвинение терминот „Картел де лос Солес“ се споменуваше дури 32 пати, со директно означување на Мадуро како негов водач, во ревидираната верзија тој се појавува само двапати. Во него се наведува дека Мадуро, како и неговиот претходник Хуго Чавез, учествувал во одржувањето и заштитата на ваков коруптивен систем.„Приходите од трговијата со дрога и од заштитата на партнерите во таа трговија се слеваат кон корумпирани цивилни, воени и разузнавачки функционери од понизок и среден ранг, кои дејствуваат во рамки на систем на покровителство управуван од оние на врвот – наречен ‘Картел де лос Солес’, односно Картел на сонцата, поради сончевите ознаки на униформите на високите венецуелски воени старешини“, се наведува во изменетото обвинение.Со оваа ревизија, американското обвинителство фактички признава дека една од клучните наративни основи за долгогодишниот притисок врз венецуелскиот режим била поедноставена и правно проблематична, иако обвиненијата за корупција и вмешаност во нарко-трговијата остануваат на сила.

Свет | пред 2 месеци

media-library45u48gk628ql433HmOL

САД ја укинаа препораката за задолжителна вакцинација на децата против грип и уште три болести

Соединетите Американски Држави ја укинаа долгогодишната препорака сите деца да се вакцинираат против грип и уште три заразни болести, што претставува значаен пресврт во американската здравствена политика и чекор кон реализација на долгогодишните заложби на министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди.Со новата одлука се повлекуваат универзалните препораки за вакцинација на децата против ротавирус, грип, менингококна болест и хепатитис А. Наместо тоа, родителите се повикуваат да донесуваат одлуки по консултација со здравствени работници, во рамки на таканаречено „заедничко клиничко донесување одлуки“.Одлуката ја одобрил вршителот на должноста директор на Центар за контрола и превенција на болести (CDC), Џим О’Нил, без вообичаената надворешна експертска рецензија што традиционално ја применува агенцијата. Според критичарите, ваквиот пристап е директно продолжение на кампањата на Кенеди за намалување на детската вакцинација.Американскиот претседател Доналд Трамп уште во декември минатата година изјави дека САД треба да се „усогласат со другите развиени земји“, а по објавувањето на новиот календар на вакцинација оцени дека тој е „втемелен во златниот стандард на науката“. Во објава на платформата Truth Social, Трамп му честиташе на Кенеди и на здравствените функционери за, како што рече, „реформите на здравиот разум“, повикувајќи се на движењето „Да ја направиме Америка повторно здрава“.Кенеди, познат како еден од најгласните критичари на вакцините, претходно веќе предводеше иницијативи за укинување на универзалните препораки за вакцинација на децата против ковид-19 и хепатитис Б, тврдејќи дека вакцините се поврзани со аутизам – тврдење што научната заедница повеќепати го има отфрлено како неосновано.Предупредувања од стручната јавностЕкспертите за јавно здравје предупредуваат дека повлекувањето на препораките може да доведе до појава на болести, хоспитализации и смртни случаи што досега биле успешно спречувани со вакцинација.Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување на заразни болести при Универзитетот во Минесота, оцени дека ваква одлука требало да биде предмет на јавна расправа, со темелна анализа на ризиците и придобивките.Претседателот на Американската академија за педијатрија, Шон О’Лири, истакна дека споредбите со други развиени земји се проблематични, бидејќи тие имаат поинакви здравствени системи и ризици. За разлика од САД, повеќето од нив имаат универзална здравствена заштита финансирана од државата.„Секоја промена во американскиот календар за вакцинација на децата мора да се темели на докази, транспарентност и воспоставени научни процедури, а не на поедноставени споредби што ги игнорираат клучните разлики меѓу земјите“, порача О’Лири.Според Џеси Гудман, професор на Универзитетот Џорџтаун и поранешен главен научник на FDA, секоја од вакцините за кои сега е укината препораката спречува болести што во минатото предизвикувале сериозни компликации и смрт кај децата.Грипот, според податоците на CDC, во сезоната 2024–2025 година однел 288 детски животи во САД. Ротавирусот, кој предизвикува тешка дијареја и дехидрација, порано испраќал десетици илјади деца годишно во болница, но вакцинацијата речиси целосно го елиминирала тој ризик. Менингитисот, иако редок, има висока смртност, а хепатитисот А може да предизвика трајно оштетување на црниот дроб.И покрај измените, американските власти нагласуваат дека задолжителната имунизација останува за 11 болести, меѓу кои сипаници, заушки и овчи сипаници, додека останатите вакцини ќе се применуваат кај високоризични групи или по индивидуална одлука, соопшти Министерството за здравство и социјални услуги.

Свет | пред 2 месеци

media-library4t785b7ibsru8dPnv3B

Од преговори до апсење: Како Трамп за шест месеци ја смени стратегијата кон Мадуро

Само шест месеци пред да испрати американски сили за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, американскиот претседател Доналд Трамп всушност настојувал да постигне договор со Каракас, а не насилно да го собори режимот. Како што објавува The Wall Street Journal, на состанок во Овалната соба во јули, Трамп им порачал на своите советници дека сака да продолжат преговорите со власта на Мадуро, со цел да се склучи спогодба која би им дала приоритет на американските нафтени компании.По серија неуспешни обиди Мадуро да биде убеден да се повлече од функцијата во замена за амнестија, Трамп кон крајот на декември ја донел одлуката за воена акција. Ноќната операција што заврши со приведување на венецуелскиот лидер и негово префрлање во Њујорк стана симбол на поостриот пристап во надворешната политика што Трамп најавува дека би можел да го примени и во други делови од светот.Во вториот мандат на Трамп, Венецуела неочекувано се најде во центарот на неколку клучни приоритети на администрацијата – масовните депортации, борбата против трговијата со дрога, пристапот до огромните нафтени и минерални резерви, како и долготрајниот притисок од сенаторот Марко Рубио и други тврдокорни кругови кои со години се залагаа за уривање на режимот во Каракас.Според поранешниот функционер Елиот Абрамс, Венецуела претставувала „совршена бура“ што ги обединува сите грижи на администрацијата на Трамп. Истовремено, фокусот на претседателот кон природните ресурси на земјата предизвикал внатрешни судири меѓу советниците и силно лобирање од енергетските компании. Трамп, според истите извори, бил повеќе заинтересиран за договор што би ѝ служел на агендата „Америка на прво место“ – вклучувајќи депортации и поволни нафтени зделки – отколку за демократизација на Венецуела.Во тој контекст, Трамп отворено признал дека Рубио се противел на какво било зближување со Мадуро, предупредувајќи дека станува збор за лидер вмешан во трговија со дрога и тероризам. Сепак, претседателот инсистирал на својот пристап, сѐ додека аргументите на Рубио и другите советници не надвладеале.Од другата страна, Мадуро американскиот притисок го доживувал како блеф. Според лица блиски до режимот, тој јавно настапувал опуштено и уверено, дури и исмејувајќи ги предупредувањата од Вашингтон. Токму тоа, според извештаите, дополнително ја зголемило фрустрацијата кај Трамп.По враќањето во Белата куќа, Трамп му ја доверил венецуелската задача на својот близок соработник Ричард Гренел, со јасни цели: ослободување американски државјани, отворање простор за американските нафтени компании и прифаќање на депортациските летови со венецуелски мигранти. Дел од тие цели биле реализирани, а санкциите делумно олеснети, меѓу другото и со дозволата Chevron повторно да експлоатира нафта во Венецуела.Сепак, откако Мадуро ги одбил и последните понуди за егзил, во администрацијата сѐ појасно се профилирала воената опција. Наградата за негово апсење била зголемена, Пентагон започнал засилени операции против наводни нарко-канали, а американските разузнавачки служби интензивно го следеле венецуелскиот лидер.Кулминацијата дошла кон крајот на декември, кога, наместо заминување во егзил, Мадуро и неговата сопруга беа извлечени од Каракас и ставени под американски притвор. Како што изјави Рубио, „му беа понудени повеќе исклучително дарежливи опции, но тој одбра поинаков пат“, со што, според американската администрација, ја запечатил својата судбина.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryesk5h62s5mth33aYbYF

Божиќна порака од претседателката: Да ги отвориме срцата и да го градиме доброто општество

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упати честитка до граѓаните кои го прославуваат овој светол ден, до архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, како и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев.Во честитката, претседателката истакнува дека Рождеството Христово е денот на раѓањето на Богомладенецот и Спасителот на светот, во кого се споиле божествената и човековата природа во совршено единство.„Од срце посакувам мирот Божји да го завладее секој православен дом, исполнувајќи го со божјите добродетели“, се вели во пораката.Сиљановска-Давкова нагласува дека и по повеќе од два милениума, Божиќ нè вдахновува со неизмерна љубов, бесконечна добрина, хармонија и мир, потсетувајќи на важноста од безусловна помош, поддршка и утеха за сите на кои им се потребни.„Божиќните празници ја зацврстуваат нашата вера и надеж и нè потсетуваат на човековата насушна потреба од чинењето добри дела“, порачува претседателката, повикувајќи на радост во животот, грижа за заедницата и отворање на срцата за ближните.Во завршницата од честитката, таа упатува повик за сплотеност и заедничко градење на благосостојбата на македонското општество, поздравувајќи со традиционалниот божиќен поздрав:Христос се роди!

Македонија | пред 2 месеци

media-librarygi2o542feiqv4JXh7ez

Мирот почнува дома: Што се прави, а што се избегнува на Бадник

Во христијанската народна традиција постојат бројни верувања и обичаи поврзани со најсветлиот празник – Божиќ, празникот над празниците, кој го симболизира раѓањето на Исус Христос. Во пресрет на оваа најрадосна вест, ден пред Божиќ се слави Бадник – ден на бдеење, тишина и исчекување на Христовото раѓање.„Кај и да си за Бадник и Божиќ дома да си!“, гласи познатата народна изрека, која ги отсликува вредностите што ги носат овие празници: семејството, заедништвото, љубовта и светлината во човечката душа. Затоа, токму во овие денови, членовите на семејството се собираат во домот и заедно ја делат празничната трпеза.Бадник – ден на бдеење и симболикаБадник е последниот ден од божиќниот пост. Името го добил по дабовото гранче – бадник, кое традиционално се сече, се внесува во домот и се пали. Во народот се вели дека Бадник значи „будник“, па затоа таа ноќ се останува буден, во бдеење, за да се дочека раѓањето на Спасителот.Иако обичаите се разликуваат од регион до регион, во Североисточниот дел на Македонија се среќаваат заеднички елементи: бадниковите гранчиња, коледарските песни, богатата посна трпеза, лепчето со паричка и бадниковите огнови. Сите тие се поврзани со верувања за плодност, здравје, среќа и бериќет во домот.Некогаш, бадникот се сечел во рана зора во блиската шума и со него се украсувале влезовите на куќите, а навечер се палел во огништето, полеван со црвено вино. Денес, почесто бадниковите гранчиња се земаат осветени од црквите или се делат на градските плоштади, каде граѓаните заеднички го одбележуваат празникот.Рано наутро на Бадник, децата одат по куќите и пеат коледарски песни, а домаќините ги даруваат со ореви, јаболка, бонбони и ситни пари – симбол на радост и изобилство.Бадниковата вечера – срцето на празникотНајсвечениот момент е бадниковата вечера. Таа секогаш е посна, но богата и внимателно подготвена. На трпезата задолжително има лепче со паричка, посна сарма, грав, риба, зелник и овошје.Пред вечерата, домаќинот го внесува бадниковото гранче со поздравот „Добро вечер и среќна ви Бадна вечер!“, а домаќинката одговара „Добровечер Бадњаче!“. Гранчето се полева со црвено вино и се пали, а во некои домови се пали и темјан за здравје, среќа и долговечност.Посебно место има делењето на лепчето. Прво се дели за Господ, за куќата и добитокот, а потоа за сите членови на семејството. Се верува дека оној кому ќе му се падне паричката ќе има среќа и благосостојба во новата година.По обичај, бадниковата вечера не се раскрева и останува до утредента, со верување дека Господ ноќе ќе дојде и ќе се нахрани.Пораките на старите обичаиПостарите генерации се сеќаваат дека Бадник порано се славел поскромно, но со многу повеќе тишина, почит и посветеност. Трпезата често се поставувала на земја, во слама, со свеќа и крстена вода, а јадењето се служело во едноставни садови. Сè имало своја симболика – од формите на лепчињата до храната што се делела со добитокот.Бадник се смета за граница меѓу старото и новото, момент кога се затвора еден животен круг и се отвора друг. Затоа, нашите предци верувале дека секој збор, постапка или предмет внесен во домот тој ден има значење за годината што доаѓа.Што, според традицијата, се избегнува на БадникНародните верувања советуваат на овој ден да се избегнуваат неплатени сметки и размислувања за долгови, да се вратат позајмените предмети, да нема расправии и груби зборови, домот да биде чист и уреден, а во срцето да нема тага и безнадежност. Се верува дека мирот, тишината и благодарноста носат благослов.Доколку нешто не испадне како што треба, традицијата не е строга – малите симболични гестови, како палење свеќа или темјан со тивка молитва, се сметале за доволни за „ресетирање“ и нов почеток.Бадник како повик за внатрешен мирБез разлика на тоа колку некој се потпира на традицијата, Бадник останува можност да се застане, да се земе здив и свесно да се избере мир. Мирот во домот, велат старите, започнува со мирот во умот. Ако во домот има тишина, топлина и благодарност таа вечер, тогаш, според народното верување, домот е подготвен за сè што доаѓа.

Македонија | пред 2 месеци

297051333_456402029713114_4862336029331529171_n

Денеска посебен сообраќаен режим во Скопје поради „Бадниковите поворки“

По повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје денеска ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.-Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.

Скопје | пред 2 месеци

media-libraryluvqeq3767d25hroIP9

Апсењето на Мадуро ја потресе светската политика: страв од опасен преседан за Кина да го преземе Тајван

Апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и на неговата сопруга Силија Флорес од страна на Соединетите Американски Држави, под обвиненија за тероризам и трговија со дрога, предизвика остри реакции и длабоки поделби во меѓународната јавност.Додека сојузниците на американскиот претседател Доналд Трамп го поздравуваат соборувањето на венецуелскиот лидер како чекор без преседан во современата историја, критичарите предупредуваат дека ваквиот потег сериозно го нарушува меѓународното право. Воедно, се отвора и клучно геополитичко прашање – дали Вашингтон воспоставува опасен преседан што би можел да биде искористен од кинескиот претседател Си Џинпинг во евентуален обид за преземање на Тајван, пишува CNBC.Аналитичарите се поделени околу можните последици. Дел од нив стравуваат дека американската интервенција може да охрабри други големи сили да преземат слични чекори. „Ако Доналд Трамп може да влезе во друга земја и да ја преземе власта, зошто тогаш Владимир Путин би бил во криво за Украина и зошто Кина не би имала право да го преземе Тајван?“, изјави за CNBC Дејвид Рош од „Квантум Стратеџи“.Од друга страна, дел од експертите повикуваат на воздржаност во проценките. Поранешниот американски министер за трговија Карлос Гутиерез смета дека односите меѓу Кина и Венецуела се повеќе „тактичка погодност“ отколку основа за поширока воена ескалација. Според него, иако Пекинг веројатно ќе реагира со остри и агресивни изјави, не се очекуваат конкретни и значајни потези на терен.Загриженост изрази и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, кој оцени дека е „длабоко вознемирен поради непочитувањето на правилата на меѓународното право“. Тој развојот на настаните во Венецуела го опиша како „опасен преседан“, предупредувајќи дека ваквите постапки можат да имаат далекусежни последици врз глобалната стабилност.Случајот со апсењето на Мадуро, според аналитичарите, ја отвори дебатата за границите на државниот суверенитет, примената на меѓународното право и ризикот од нови глобални тензии во свет веќе оптоварен со конфликти.

Свет | пред 2 месеци

media-library4t785b7ibsru8dPnv3B

Американскиот претседател по рочиштето на Мадуро: „Ова е историски момент“

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по денешното појавување на Николас Мадуро пред суд во Њујорк, оценувајќи го настанот како „извонреден момент во историјата“, јавува NBC News.На новинарско прашање дали Соединетите Американски Држави се во војна со Венецуела, Трамп одговори дека такво нешто не постои. „Не, не сме. Во војна сме со луѓето кои продаваат дрога“, изјави американскиот претседател.Со оваа изјава, Трамп уште еднаш нагласи дека, според позицијата на неговата администрација, акциите на САД не се насочени против венецуелската држава, туку против, како што ги нарекува, криминалните структури поврзани со трговијата со дрога.

Свет | пред 2 месеци

media-library56ijk1ms0g8aa7EMewh

Судска драма во Њујорк: Мадуро тврди дека бил киднапиран од Каракас, негира вина

На првото судско појавување во Њујорк, соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро стана од клупата за обвинети кога од него беше побарано да го потврди својот идентитет, додека судот му го читаше резимето од обвинението. Во своето прво јавно обраќање по екстрадицијата во Соединетите Американски Држави, Мадуро изјави дека е претседател на Венецуела и дека бил киднапиран од својот дом во Каракас.„Не сум виновен, јас сум чесен човек и сè уште сум претседател на мојата држава“, изјави Мадуро пред судот, по што повторно седна. Тој се изјасни за невин по сите точки од обвинението.Потоа вниманието во судницата се насочи кон неговата сопруга, Силија Флорес, од која исто така беше побарано да го потврди својот идентитет. „Да, јас сум Силија Флорес Мадуро, прва дама на Венецуела“, изјави таа, додавајќи дека е целосно невина по процесните точки. И таа, како и Мадуро, инсистираше на својот официјален статус.Судијата ги информираше двајцата за нивното право на консултација со конзуларни претставници и праша дали ја разбираат таа можност.„Да, разбираме и би сакале да ни се овозможи посета од конзул“, одговори Мадуро, по што судијата потврди дека таква посета ќе биде организирана.По изјаснувањето за невин, Мадуро беше забележан како се врти на столчето и се наведнува кон документите пред својот адвокат, додека со сопругата разговараше на шпански јазик, а нивните зборови беа преведувани во судницата.Како што јавува CNN, Мадуро на рочиштето зборувал со помош на преведувач, што, според правните аналитичари, му отежнува на судијата целосно да го контролира текот на неговите изјави. Главниот правен аналитичар на CNN, Ели Хониг, оцени дека Мадуро одговарал пошироко од она што судот го барал, нагласувајќи дека во случаи со превод судијата мора да чека целосен превод пред да интервенира.Судот наложи Мадуро повторно да се појави на следното рочиште, закажано за 17 март. Во меѓувреме, неговиот адвокат отвори прашања поврзани со, како што рече, „законитоста на воената киднапирање“, како и со здравствената состојба на обвинетиот, барајќи соодветна медицинска грижа за време на притворот.Адвокатот на Силија Флорес, Марк Донели, изјави дека и таа има здравствени проблеми, наведувајќи дека има сериозни модринки на ребрата и дека ќе ѝ биде потребна соодветна медицинска нега.Судењето против Мадуро и Флорес продолжува во контекст на зголемено меѓународно внимание, додека судот ќе треба да се справи и со правните, но и со политичките импликации на овој високопрофилен случај.

Свет | пред 2 месеци

media-library9s2cs3tla49q45kdbkR

„Се поништува сè што човештвото го изгради“ – Најчевска повикува на одбрана на меѓународното право

Професорката по право Мирјана Најчевска со остра јавна порака реагираше на актуелните вооружени конфликти и геополитички кризи, истакнувајќи дека нема никакво оправдување за она што се случува во Венецуела, Украина, Палестина и со Тајван. Според неа, станува збор за директно рушење на цивилизациските достигнувања на човештвото.„Ова е цивилизациското достигнување на човештвото кое Доналд Трамп, Владимир Путин, Бенјамин Нетанјаху и Си Џинпинг во моментов го рушат“, наведува Најчевска, оценувајќи дека ваквите политики го враќаат светот наназад и ги поништуваат основните принципи врз кои е изграден современиот меѓународен поредок.Таа нагласува дека секој цивилизиран човек има обврска да застане во одбрана на веќе достигнатото ниво на развој на човештвото, потсетувајќи дека меѓународните договори не се формалност, туку резултат на болни историски искуства. Тие, според неа, се создадени со јасна цел – да не се повторат трагедиите од минатото и да се спречат нови масовни страдања.Во таа насока, Најчевска се повикува и на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, кој го гарантира правото на самоопределување на сите народи, нивната слобода сами да го уредуваат својот политички статус и да го обезбедуваат сопствениот економски, социјален и културен развој. Таа потсетува дека народите имаат право слободно да располагаат со своите природни богатства и извори и дека ниту еден народ не смее да биде лишен од средствата за живот.Според професорката, државите кои се потписнички на овие меѓународни договори, вклучително и оние што управуваат со несамостојни територии, имаат јасна обврска активно да го помагаат и да го почитуваат правото на самоопределување, во согласност со Повелбата на Обединетите нации. Секое отстапување од овие принципи, предупредува таа, претставува опасен чекор кон нормализирање на насилството и уривање на правниот и моралниот поредок во светот.

Коментари | пред 2 месеци

mpc-1

МПЦ со божикно послание: Светлината Христова да ги преобрази нашите животи

Архиепископија упати силна духовна порака за смислата на празникот Божик како откровение на Божјата љубов и присуство меѓу луѓето. Во пораката се истакнува дека Христовото раѓање не е само историски настан, туку вечна вистина и повик човекот да живее во заедница со Бога.„Кога човештвото и светот беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и ја порази темнината – не со сила, туку со љубов“, се наведува во посланието, во кое Божик се опишува како исполнување на Божјата волја и како дар на вечен живот за секој што верува.Во текстот се потсетува дека радосната вест за Христовото раѓање најнапред ја објавиле ангелите, а потоа преку витлеемските пастири и мудреците од Исток целиот човечки род се поклонил на Богомладенецот. Според МПЦ, копнежот по Божјото присуство е длабоко вкоренет во секоја човечка душа, а токму на Божик тој копнеж се исполнува, зашто Бог станал човек за да го спаси и преобрази човекот.Во посланието се нагласува дека Христовото воплотување ја осветило човечката природа и го отворило патот кон вечниот живот. „Небесното слезе на земјата, а вечноста влезе во времето“, порачуваат архиереите, додавајќи дека благодатното Божјо присуство ја придружува Црквата во сите времиња, а особено во деновите на овој светол празник.Архиерејскиот синод упатува повик верниците да го примат Христа во своите срца, да се откажат од лошите навики и да живеат преобразен живот, достоен за името Христово. Воедно, Божик се поставува како природен момент за духовно преиспитување – да се погледне наназад кон изминатото и напред кон иднината, со решителност за поправка на слабостите и за правење добро.Во пораката се укажува дека светот е исполнет со неправди и беззаконие, но верниците не треба да се сообразуваат со тие појави, туку својот живот да го усогласат со Христовите заповеди. Се истакнува дека и малите добри дела имаат голема вредност, бидејќи Господ го довршува секое искрено добронамерно дело.Со молитвени благопожелби, Стефан, архиепископ охридски и македонски, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод, им ги честита божикните и новогодишните празници на сите верници во татковината и во дијаспората, упатувајќи го традиционалниот поздрав:Христос се роди!Честито и од Бога благословено новото лето Господово.

Македонија | пред 2 месеци

media-library01p44kqn4usc3RXRqOO

Цаневска: Загадениот воздух не познава партиска припадност, нечиј профит не смее да е поважен од здравјето

Советот на Град Скопје денеска ја одржа првата вонредна седница, на која се дебатираше за загадениот воздух. Вонредната седница беше свикана на иницијатива на советничката група на СДСМ и Коалицијата, а подржана и од други советници. Денешните предлози и дебати ќе бидат земени предвид и во рок од еден месец советниците треба да добијат конечен предлог заклучоци кои ќе бидат инкорпорирани во акцискиот план. Тие го задолжија градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да испита колку краткорочните мерки за намалување на загадување се имплементираат од страна на скопските градоначалници и да им укаже дека нема да се толерира нереализирање на мерките за намалување на аерозагадувањето.Советничката Катерина Цаневска, рече дека Скопје со години е меѓу најзагадените градови во Европа, а реакцијата на институциите, и на државно и на локално ниво, се сведува на аларми, препораки и апели.„Според Институтот за јавно здравје, околу 4.000 смртни случаи годишно во државата се поврзуваат со загадениот воздух. УНИЦЕФ предупредува дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња е поврзан со аерозагадувањето. Загадениот воздух и смртните случаи и заболените не познаваат партиска припадност”, рече Цаневска и посочи дека институциите затаиле на неколку полиња: затоплувањето како сериозен извор на загадување, урбанистичкиот криминал со кој Скопје е претворено во бетонска долина без воздух, потоа стариот возен парк и нефункционалниот јавен превоз, отсуството на ефективен инспексциски надзор, сеуште профитот од големите индустриски капацитети е поважен од здравјето а новиот Закон за контрола на индустриски емисии, остава простор клучни информации за загадувањето да бидат прогласени за „деловна тајна“.Како мерки, Цаневска предложи:1. Итно усвојување и финансирање на програма за замена на нееколошки системи на греење, со јасни рокови, обврзувачки таргети и реален буџет2. Воведување задолжителни рестриктивни сообраќајни мерки во денови со екстремно загадување, вклучително и ограничување на сообраќајот, бесплатен јавен превоз и приоритет за еколошки возила3. Мораториум и ревизија на деталните урбанистички планови во критичните зони на градот4. Донесување обврзувачки Акциски план за чист воздух за Град Скопје за период 2026-2029, со конкретни мерки, рокови, одговорни институции и месечна јавна отчетност5. Засилен, континуиран и јавно видлив инспекциски надзор над индустриските капацитети, со мерење на емисии во реално време, санкции за загадувачите6. Целосна транспарентност и право на информирање на граѓаните, без сокривање на податоци зад „деловна тајна“ кога е загрозено јавното здравје7. Итна имплементација на  локални политики за животна средина, со особен акцент на мерки за намалување на загадувањето на воздухот согласно обврските од Поглавје 27 и европските директиви.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryv00ns77nqsen2uwhGZw

Деветти Бадников собир на Зајчев Рид, годинава посветен на Душко Чифлиганец

Бадник кај нас не е само датум, туку жива традиција што ги обединува љубителите на моторите, звукот на машините и духот на заедништвото. И годинава, по деветти пат, се организира Бадниковиот собир, на кој се поканети сите – млади и стари, рекреативци и натпреварувачи, како и сите што ја делат истата страст кон моторите.Собирот ќе се одржи на 6 јануари, со почеток од 11:00 часот, на Зајчев Рид. Присутните ќе имаат можност да учествуваат во традиционалното кршење клубско лепче со паричка, да уживаат во дружењето и во енергијата што ја носи овој настан, како и во симболичниот старт на новата мото-сезона.Како дел од програмата, ќе се вози почесен круг, кој годинава е посветен на споменот на нашиот другар Душко Чифлиганец. Овој чин ќе биде израз на почит, заедништво и сеќавање, како и потсетник дека моторите не се само средство, туку и начин на живот.Организаторите порачуваат дека сезоната ќе започне онака како што најдобро се знае – заедно, со почит, со адреналин и со искрена љубов кон моторите, во духот на Бадник и празничната традиција.

Скопје | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања