Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

Screenshot-2025-08-18-at-19.50.43

Зеленски: Војната во Украина може да заврши во првата половина на 2026 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти руската војна против Украина би можела да заврши веќе во првата половина на 2026 година, објави Киев Индипендент.Говорејќи на свеченоста по повод почетокот на кипарското претседавање со Советот на Европската Унија, Зеленски оцени дека разговорите со европските партнери и Соединетите Американски Држави влегле во нова, клучна фаза, при што ја нагласи улогата што ЕУ треба да ја има во мировниот процес.„Додека Кипар го започнува своето претседавање со Советот на ЕУ, забележуваме дека преговорите достигнаа нова пресвртница заедно со нашите европски партнери и, секако, со Соединетите Американски Држави, како и со сите членки на Коалицијата на волни. Искрено веруваме дека оваа војна може да заврши за време на вашето претседавање со Советот на ЕУ“, изјави Зеленски.Кипарското претседавање со Советот на Европската Унија ќе трае до крајот на јуни 2026 година.Изјавите на Зеленски следуваат по серија неодамнешни разговори меѓу украински, европски и американски претставници во Париз. На самитот чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон, од Киев беше испратен сигнал дека мировниот договор за ставање крај на речиси четиригодишната руска инвазија е „90 отсто подготвен“.На состанокот учествуваа претставници на 35 држави, меѓу кои 27 шефови на држави и влади, високи функционери на Европската Унија, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.Според нацрт-заедничката изјава, која сè уште чека конечна потврда од лидерите, безбедносните гаранции на Коалицијата би вклучувале распоредување сили под водство на САД и Европа во повоената Украина, како и надзор над евентуалниот прекин на огнот од страна на Вашингтон.

Свет | пред 2 месеци

media-library6hee4e921dddd4kJRh7

Внимание во сообраќајот: Снег, одрони и привремени забрани на повеќе патни правци

Поради влошените временски услови и актуелни настани во регионот, од утрово се воведени повеќе ограничувања во сообраќајот на државните патишта и на граничните премини.Од 05:15 часот, поради врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан. Забраната важи до подобрување на условите и стабилизирање на состојбата на коловозот.Дополнително, поради протест на грчките земјоделци, од денеска, 8 јануари 2026 година, од 10:00 часот, на граничниот премин Ники (Меџитлија) е воведена целосна забрана за движење на товарни возила. Ограничувањето ќе трае во наредните 48 часа, односно до 10 јануари 2026 година во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила на овој граничен премин се одвива непречено и со нормален тек.Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Во моментов, снежните врнежи не претставуваат сериозна пречка за одвивање на сообраќајот, но се препорачува зголемена внимателност.Поради обилните врнежи од дожд и зачестената појава на одрони, на патните правци Делчево – Македонска Каменица – Истибања и Делчево – Пехчево, на учесниците во сообраќајот им се препорачува крајно внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината според условите на патот.На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри.На магистралниот пат А3 Битола – Ресен, на самиот влез во градот Ресен, поради обилни врнежи од дожд и можно излевање на Голема Река, возачите се повикуваат на особена внимателност. Исто така, зголемено внимание се препорачува и на регионалниот пат Р1307 Царев Двор – Стење, каде постои ризик од излевање на локалните реки поради врнежите.Надлежните служби апелираат до возачите да ја следат состојбата на патиштата, да ја прилагодат брзината и да ги почитуваат воведените ограничувања со цел безбедно одвивање на сообраќајот.

Македонија | пред 2 месеци

kocani-puls-protest-8

Од Кочани до Кран-Монтана: Свеќи и тишина наместо марш

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, основано од дел од родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, упати јавен повик до граѓаните за тивка и достоинствена почит кон жртвите од трагичниот пожар во Кран-Монтана, Швајцарија, каде загина и Македонецот Стив Ивановски.Од Здружението информираат дека оваа сабота нема да се одржи традиционалниот „Марш на ангелите“, со цел, како што наведуваат, болката да се сподели со семејствата кои денес ја живеат истата тишина и загуба по трагедијата во Швајцарија. Наместо марш, граѓаните се повикуваат да се соберат во знак на солидарност, сочувство и човечка поддршка.Тивката почит ќе се одржи на 10 јануари 2026 година, со почеток во 16:40 часот, во Паркот на Револуцијата во Кочани. Граѓаните се повикуваат да запалат свеќа и без зборови да оддадат почит, со тишина што, како што порачуваат од Здружението, понекогаш зборува погласно од сите зборови.„Од град што ја носи болката во себе, до мајки и семејства што денес ја живеат истата тишина – да застанеме заедно, со срце што знае да сочувствува“, се наведува во пораката.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryg064kii2nus66mTs9B7

(Видео) Снимка од Водно: Диви свињи меѓу куќи во вечерните часови

Снимка на која се гледаат три диви свињи како се движат низ населбата Водно е споделена на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции.„Диви свињи шетаат во населба Водно, снимено денес околу 19:30 часот на улица ‘Питу Гули’, карши Тинекс“, напиша Гоце Бурзески, кој ги видел дивите животни.На видеото се забележува како се движат по улицата, во близина на станбени објекти, што повторно го отвори прашањето за појавата на диви животни во урбани средини и безбедноста на граѓаните.Засега нема информации за пријавена штета или интервенција од надлежните служби.

Скопје | пред 2 месеци

Screenshot-2025-08-15-at-22.42.26

Трамп даде зелено светло за нови санкции кон Русија: Притисок врз Москва поради војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп дал зелено светло за законски предлог со нови санкции против Русија, изјави синоќа републиканскиот сенатор Линдзи Греам, по состанокот во Белата куќа. Според Политико, Сенатот би можел да гласа за предлогот веќе идната недела.Сенаторот од Јужна Каролина изјави дека целта на санкциите е дополнителен притисок врз Москва за да ја прекине војната против Украина.„По многу продуктивен состанок со претседателот Трамп за низа прашања, тој даде зелено светло за двопартискиот законски предлог за санкции против Русија, на кој со месеци работам заедно со сенаторот Ричард Блументал и многу други“, изјави Греам, мислејќи на демократскиот сенатор од Конектикат, кој е коавтор на долго блокираниот закон.На прашање за изјавите на Греам, претставник на Белата куќа потврди дека Трамп го поддржува законодавството. Греам додаде дека гласањето во Сенатот „се надеваме може да се одржи веќе следната недела“.Како што наведува Политико, Греам и републиканското раководство во Сенатот со месеци соработувале со Белата куќа за усогласување на конечната верзија на законот. Сепак, ова не е првпат да се најавува брзо гласање, по што иницијативата повторно заглавувала во процедура.Според предлогот, законот предвидува воведување т.н. секундарни санкции кон држави како Кина и Индија кои купуваат руска нафта и гас, со цел да се пресече приливот на средства што ја финансира воената машинерија на рускиот претседател Владимир Путин.„Украина прави отстапки заради мир, а Путин само зборува и продолжува да убива невини луѓе“, изјави Греам, оценувајќи дека донесувањето на законот во овој момент е „навремено“.Од кабинетот на Линдзи Греам не одговорија веднаш на прашањето дали во законот ќе бидат внесени измени на барање на Трамп. Претседателот, како што потсетува Политико, претходно побарал целосна флексибилност кога станува збор за воведување и укинување санкции, односно право лично да одлучува кога тие ќе се активираат или повлечат.Според анализата, сè уште е нејасно дали конечната верзија целосно ќе ги задоволи барањата на Белата куќа, но јасно е дека поддршката од Трамп претставува клучен чекор за законот, по повеќемесечен застој, конечно да се најде на дневен ред на Сенатот.

Свет | пред 2 месеци

grenland

Како Европа може да му се спротивстави на Трамп околу Гренланд

Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд во европските престолнини веќе не се доживуваат како обична политичка реторика, туку како реална и сериозна можност. Политичките елити, кои до неодамна ги игнорираа засилените изјави од Вашингтон, сега интензивно бараат начин како да се спречи вакво сценарио, објави Политико.„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација“Според дипломатски извори од Европската Унија, ситуацијата е оценета како алармантна.„Мора да бидеме подготвени за директна конфронтација со Трамп. Тој е агресивен и Европа мора да биде подготвена“, изјавил еден европски дипломат запознаен со разговорите.Тензиите дополнително се зголемија откако американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека наредната недела ќе разговара со дански претставници за можноста САД да го преземат Гренланд. Од Белата куќа беше порачано дека преферираат преговори, но дека воена опција не е целосно исклучена.Како одговор, европските дипломатски активности значително се засилија. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека со колегите од Германија и Полска разговарал за заеднички европски одговор. „Прашањето е како Европа, односно ЕУ, да се зајакне за да ги одврати заканите кон својата безбедност и интереси. Гренланд не е на продажба и не е за преземање“, изјави Баро.Четири опции што ги разгледува ЕвропаСпоред анализата на Политико, меѓу европските политичари и дипломати доминира чувство на немоќ, но на маса се ставени четири можни сценарија.1. Потрага по компромисТрамп ги оправдува своите барања со „витални безбедносни интереси“ на САД и тврди дека Данска не прави доволно за заштита на Гренланд од руско и кинеско влијание на Арктикот. Едно преговарачко решение, кое би му овозможило на Трамп политичка победа, а на Данска и Гренланд зачувување на достоинството, се смета за најбрз излез од кризата. Се разгледуваат идеи за зголемени воени вежби, повисоки трошоци за одбрана и дури формирање „стража“.2. Финансиска поддршка за ГренландАдминистрацијата на Трамп отворено го поддржува движењето за независност на Гренланд, со идеја островот подоцна да склучи договор со САД. Како контра, ЕУ и Данска подготвуваат финансиски пакет. Според нацрт-предлог на Европската комисија, европските средства за Гренланд од 2028 година би се зголемиле на околу 530 милиони евра, со дополнителни фондови за развој на инфраструктура и рударство, со цел Гренланѓаните да се одвратат од американската понуда.3. Економски против-ударЕУ располага со т.н. Инструмент против присила – механизам за возвратни трговски мерки. Со оглед дека Унијата извезува над 600 милијарди евра годишно во САД, а кај дел од производите има доминантен пазарен удел, Брисел би можел да изврши сериозен економски притисок. Сепак, останува дилемата дали Трамп би го сфатил тоа како реална закана.4. Воено присуствоАко САД се решат за воена акција, европските опции се најограничени. Според трајната наредба на Данска од 1952 година, во случај на напад врз данска територија, армијата мора веднаш да одговори. Некои дипломати предлагаат европски сили, на барање на Данска, да бидат распоредени на Гренланд како средство за одвраќање, иако е јасно дека таков потег носи сериозен ризик и потенцијални човечки жртви.Како што заклучува Политико, Европа се соочува со преседан без јасен историски пример – сценарио во кое мора да ја брани сопствената безбедност и суверенитет од својот најмоќен сојузник.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски со контроверзен предлог: Како со Мадуро, така и со Кадиров

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика Соединетите Американски Држави да го зголемат притисокот врз Русија преку киднапирање на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, по моделот на операцијата со апсењето на Николас Мадуро.„Еве го примерот со Мадуро. Да, спроведоа операција. Целиот свет ги виде резултатите. Го направија тоа брзо. Па, нека спроведат некаков вид операција и против овој, како се вика, Кадиров“, изјави Зеленски, цитиран од руската агенција РБК.Американската војска на 3 јануари го уапси Мадуро заедно со неговата сопруга Силија Флорес во нивната резиденција во Каракас, по што беа префрлени во Њујорк. Таму, поранешниот венецуелски лидер беше обвинет за „наркотероризам“, додека тој на суд изјави дека и понатаму се смета за легитимен претседател на Венецуела.Рамзан Кадиров остро реагираше на изјавите на Зеленски преку својот Телеграм-канал, оценувајќи дека украинскиот претседател се обидува да ги постигне своите цели преку други.„Забележете дека тој дури и не се закани дека самиот ќе направи нешто. Подобро му е да остане настрана и да набљудува од безбедна дистанца“, напиша Кадиров.Тој додаде дека Зеленски го ставил на листа на барани лица и му вовел санкции, а сега, како што наведува, бара помош од Американците: „Ако веќе не помогнаа со оружје, барем нека го киднапираат Рамзан“.„Зачувај го достоинството и не се понижувај. Да имаше барем трошка машкост во тебе, ќе сфатеше колку понижувачки звучат твоите зборови и барања“, порача Кадиров.Ова не е прв судир меѓу Кадиров и украинските власти. Украинската Служба за безбедност (СБУ) претходно го прогласи за барано лице, обвинувајќи го за водење „агресивни воени дејствија“ и за кршење на законите и обичаите на војувањето.Од друга страна, Истражниот комитет на Русија тој чекор го оцени како „обид свесно невино лице да се изведе пред кривична одговорност“, дополнително заострувајќи ја реториката меѓу страните.

Свет | пред 2 месеци

media-librarypkfi0vcjaunu9Ch7FI3

(Видео) Првиот снег годинава го обели Скопје и западните делови од земјава

Падна првиот снег во Скопје. Поради продор на значително постуден воздух од север, врнежите постепено преминуваат од дожд во снег, при што снежната граница се спушта и се проширува на сè поголем дел од територијата на државата.Најизразени снежни врнежи се бележат во западните предели, каде што веќе се формира снежна покривка. На повисоките населени места и на планините се очекува снег со висина од 10 до 15 сантиметри, а локално и над 20 сантиметри. Во пониските градски средини, снежната покривка ќе изнесува од 5 до 10 сантиметри.Времето ќе биде проследено со засилен, а на моменти и силен ветер од западен и северозападен, а подоцна и од северен правец, кој локално може да достигне брзина и над 60 километри на час.Утрово пак, само послаби врнежи од снег се регистрираат и во Скопје и неговата околина, каде што исто така се очекува повремено засилен северен и северозападен ветер. Дневните температури денеска ќе се движат од 0 до 7 степени, додека во Скопје максималната температура ќе достигне околу 3 до 4 степени Целзиусови.На повисоките населени места и планинските подрачја температурите ќе останат под нулата и во текот на денот, што ќе придонесе за задржување и зголемување на снежната покривка.

Скопје | пред 2 месеци

media-library376jhsde747u5QMdj9N

ЦУК предупредува: Ново свлечиште

По пријава добиена на бројот за итни повици 112, од Центар за управување со кризи информираат дека поради врнежите од дожд повторно е активирано свлечиште на патот кон Бања.Надлежните апелираат граѓаните да не патуваат на оваа делница сè додека состојбата не се стабилизира и не биде безбедна за сообраќај.Општинските екипи се на терен, ја следат ситуацијата и преземаат активности во рамки на своите надлежности. Состојбата ќе се следи континуирано, а јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот развој.

Скопје | пред 2 месеци

media-librarydbuhdl1u01bsaNzXC24

Три фази за Венецуела

Американскиот државен секретар Марко Рубио го претстави планот на администрацијата на Доналд Трамп за Венецуела, кој е структуриран во три фази – стабилизација, опоравување и транзиција на власта. Тој порача дека со привремената влада на земјата ќе следуваат „уште договори“, јавува CNN.Говорејќи по затворениот брифинг одржан за сите американски сенатори, Рубио истакна дека првата и клучна фаза е стабилизацијата, со цел да се спречи Венецуела да западне во дополнителен хаос. Според него, администрацијата во Вашингтон има значително влијание врз привремената венецуеланска влада, предводена од Delcy Rodríguez.Како централен елемент на оваа почетна фаза, Рубио го посочи нафтниот договор, нагласувајќи дека САД очекуваат наскоро да започнат со продажба на милиони барели венецуеланска нафта. Приходите од продажбата, според него, би биле под контрола на Соединетите Американски Држави и би се распределувале „на начин што ќе биде од корист за венецуеланскиот народ“.„Веќе гледаме напредок со овој нов договор што беше најавен, а ќе следуваат и дополнителни договори“, изјави Рубио, без да открие конкретни детали за идните аранжмани.Втората фаза, опишана како период на опоравување и помирување, има за цел да овозможи американските, западните и другите странски компании да добијат „фер и отворен пристап“ до венецуеланскиот пазар. Истовремено, според Рубио, САД сакаат да го поттикнат процесот на национално помирување, кој би вклучувал амнестија за опозициските актери, ослободување на политичките затвореници или нивно враќање во земјата, како и постепена обнова на граѓанското општество.Последната фаза од планот е транзицијата на власта. Рубио нагласи дека конечната одговорност за трансформацијата на земјата останува кај самите граѓани на Венецуела. Тој додаде дека дел од фазите ќе се одвиваат паралелно, а не строго последователно.„Ова детално им го објаснив на сенаторите. Во наредните денови ќе има повеќе информации, но чувствуваме дека напредокот оди во позитивна насока“, заклучи Рубио.

Свет | пред 2 месеци

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

Данска потврдува: Во случај на американска инвазија на Гренланд, војската има наредба веднаш да отвори оган

Во случај на американска инвазија на Гренланд, данските војници имаат јасна и недвосмислена наредба – веднаш да одговорат со оружје, без чекање дополнителни инструкции. Станува збор за воена директива донесена уште во 1952 година, која и натаму е на сила, потврди данското Министерство за одбрана.Оваа информација излегува во јавноста откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја искажа својата намера Гренланд да биде припоен кон САД, дури и со употреба на воена сила доколку е потребно. Изјавите на Трамп предизвикаа силни реакции и неверување во Данска, која Гренланд го смета за своја самоуправна територија, но и сериозна вознемиреност меѓу сојузниците во НАТО, пренесуваат европските медиуми.Според данскиот весник „Берлингске“, директивата од 1952 година предвидува дека во случај на напад, „нападнатите сили мора веднаш да стапат во борба, без чекање или барање наредба, дури и ако командниот кадар формално не е известен за објава на војна или воена состојба“. Од Министерството за одбрана на Данска кусо потврдиле дека „наредбата за мерки на претпазливост за воена одбрана во случај на напад и во време на војна останува во сила“.Заканувачките изјави на Трамп предизвикале итни консултации меѓу европските сојузници, при што повеќе дипломати предупредуваат дека евентуален американски напад врз Гренланд би можел да значи крај на НАТО каков што е познат денес.Францускиот министер за надворешни работи Jean-Noël Barrot изјави дека Европа сака да реагира, но исклучиво во координација со партнерите. Извор од германската влада, пак, за агенцијата Ројтерс изјавил дека Германија тесно соработува со Данска и со другите европски земји околу следните чекори поврзани со Гренланд.Истовремено, од Вашингтон пристигнуваат спротивставени пораки. Францускиот министер Баро откри дека американскиот државен секретар Marco Rubio лично го уверил дека САД не планираат воена инвазија врз Гренланд. Според него, Рубио изрично ја исклучил таа можност за време на телефонски разговор.И „Волстрит журнал“, повикувајќи се на свои извори, објави дека Рубио на американските политичари им појаснил дека целта на Вашингтон е евентуално купување на островот, а не воена акција.Сепак, ваквите смирувачки пораки се во остар контраст со изјавата на портпаролката на Белата куќа Karoline Leavitt, која порача дека употребата на воена сила „секогаш останува опција“. Дополнителна загриженост внесе и „Вашингтон пост“, кој објави дека американски и европски функционери сè поотворено разговараат за преземање на Гренланд како „конкретна можност“.Еден висок европски дипломат изјавил дека во последните денови е забележлива значајна промена во тонот на разговорите. Поранешниот француски премиер Dominique de Villepin упати најостро предупредување досега, оценувајќи дека доколку САД го нападнат Гренланд, тие би станале непријател на европските членки на НАТО.„Во ниеден случај Европа не смее да прифати нарушување на европскиот суверенитет. Напад на една членка на НАТО врз друга би бил настан без преседан“, изјави де Вилпен, предупредувајќи дека таков потег би претставувал „огромна историска промена“ во односите меѓу САД и Европа.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryfnvlspaqtivre6EEC7B

Исчезна 72-годишна жена во Скопје

72-годишната Марика Илиевска исчезна во раните утрински часови. Последен пат е видена околу 08:30 часот во близина на ТЦ Лептокарија, Карпош 3.Илиевска била облечена во сива јакна и, најверојатно, носела шешир. Станува збор за дементна личност, поради што е особено важно да се реагира брзо.Сите кои имаат информации за нејзината локација се молат да контактираат на телефонскиот број 070 781 111.Граѓаните се повикуваат на внимателност и соработка во пронаоѓањето на Марика Илиевска.

Македонија | пред 2 месеци

sneg-3

Вонредна информација од ЦУК: Поплави во Охрид и Кичево, одрони на повеќе патни правци

Според вонредната информација на Центарот за управување со кризи, заклучно до 17:00 часот, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Македонија е стабилна и без нарушување на редовното функционирање, и покрај обилните врнежи што ја зафатија земјата.Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е регистрирано излевање на реки, ниту се евидентирани последици од врнежите, а надлежните општински служби континуирано ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, при што состојбата се оценува како стабилна и под контрола.Од ЦУК информираат дека во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пријавите од граѓаните.Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, при што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.По пријава преку бројот за итни повици 112, во Струга е регистриран поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За настанот е известено Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое презема активности за санација.Во тетовско и гостиварско регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. Пријавени се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во Мало Турчане и Сушичка Река во Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени Општина Гостивар, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП „Комуналец“, Полициската станица Гостивар, како и ХЕЦ „Маврово“, каде е извршено намалување на производството на електрична енергија.Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, при што директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ја координира интервенцијата со надлежните институции.Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби на Дирекцијата за заштита и спасување.Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од сите надлежни институции.

Македонија | пред 2 месеци

IMG_0085

Уапсен државјанин на Турција и гостиварец оти платиле нафта со 50 евра за кои постои сомнеж дека се фалсификувани

Две лица се лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“ на автопатот Гостивар–Тетово, кај селото Жеровјане, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според информациите од МВР, на 6 јануари 2026 година околу 21:35 часот, полициски службеници од СВР Тетово ги привеле С.С. (31) од Гостивар и Ч.Ј.Б. (24) од Република Турција, по претходно пријавен настан поврзан со користење сомнителна банкнота.Имено, во 17:15 часот во Полициското одделение Жеровјане, А.Р. (22) од селото Жеровјане, вработен на бензинска пумпа во истото село, пријавил дека околу 15:40 часот две лица со патничко возило „цитроен“ со гостиварски регистарски таблички точеле гориво и му дале банкнота од 50 евра, за која се посомневал дека е фалсификувана.По преземените мерки, двете лица биле пронајдени и лишени од слобода, а во моментов се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Македонија | пред 2 месеци

Screenshot-2024-01-10-at-17.57.21

Тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Србија“: Повредени три лица

Две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а едно со телесни повреди во сообраќајна несреќа што синоќа се случила на булеварот „Србија“ во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.Според информациите од МВР, на 6 јануари 2026 година околу 21:50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Србија“ се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „даихатсу“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ч. (63) од Прилеп, со престој во Скопје, и трицикл марка „томос“, управуван од М.С. (18) од Скопје.Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобиле возачот на трициклот М.С. и неговиот сопатник С.Р. (23), додека уште еден сопатник од трициклот, И.С. (19), се здобил со телесни повреди. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје.Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од СВР Скопје, а се работи на целосно расчистување на случајот.

Скопје | пред 2 месеци

policija-policaec-35-450x270-1

Инцидент на Бит Пазар

Според информациите од МВР, на 6 јануари 2026 година во 14:45 часот во СВР Скопје, М.Г.Д. од Република Турција, со престој во Скопје, пријавил дека на 5 јануари 2026 година околу 17:50 часот на подрачјето на Бит Пазар бил пресретнат од лице со иницијали В.Ф. и уште едно лице.Како што е наведено во пријавата, В.Ф. започнал да удира по неговото возило, по што пријавителот подоцна повторно бил пресретнат од истото лице и уште едно друго лице. Во вториот случај, според пријавата, тие физички го нападнале и дополнително му го оштетиле возилото.Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека се преземаат соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryoia7mogq0o415mVPoej

Филипче за Божиќ: Да градиме праведно и слободно општество во кое младите ќе ја гледаат иднината

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, упати божиќна честитка до верниците, повикувајќи на мир, толеранција и заедничко градење праведно и слободно општество, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина во државата.„Ви благодарам на сите за присуството. Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка – Мир Божји, Христос се роди“, изјави Филипче.Тој им посака мирни и весели празници на сите верници кои денес го празнуваат Божиќ, нагласувајќи дека празникот е традиционален повод за семејно собирање, за покажување почит и грижа кон најблиските.„Посакувам денот да помине мирно. Мирот, особено во овие турбулентни времиња, ни е повеќе од потребен за да можеме да продолжиме да градиме општество што ќе биде праведно, толерантно и слободно“, порача претседателот на СДСМ.Филипче потсети дека во изминатиот период биле имплементирани политики кои, како што рече, граѓаните реално ги почувствувале преку подобар квалитет на живот, поголема безбедност и економска сигурност.„Имплементиравме политики што доликуваат на развиени општества – општество во кое никој нема да се чувствува помалку вреден, без разлика на етничката, националната, верската, културната припадност, родот, полот или сексуалната ориентација“, истакна Филипче.Тој упати повик за заедничко градење општество без дискриминација и поделби, во кое сите граѓани ќе имаат еднакви можности и достоинствен живот.

Македонија | пред 2 месеци

media-library6hee4e921dddd4kJRh7

Зимски услови на прагот: Дождот ќе премине во снег на повеќе места

Под влијание на циклонска активност, во наредните денови во земјава следува период на променливо и нестабилно време, со повремени врнежи од дожд, а на планините и од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен ветер, врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките, но и во дел од пониските места, при што се очекува формирање нова снежна покривка, особено во западните планински предели.Денешното време е претежно облачно и магловито, со врнежи од дожд кои на одделни места се пообилни, особено во попладневните часови и во текот на ноќта. На планините врнежите се од снег, а дува засилен ветер од јужен правец. Максималните дневни температури се движат од 10 до 16 степени.Во Скопје времето е променливо облачно со повремен дожд, поизразен кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец, а температурата е околу 9 степени, со висока влажност на воздухот.За утрешниот ден се прогнозираат пониски утрински температури, кои на повеќе места ќе се движат околу нулата или под неа, додека дневните ќе останат умерени. Во поголемите градови максималните температури ќе се искачуваат од 3 до 8 степени, додека на планините ќе бидат околу нулата.Во петок се очекува краткотрајно стабилизирање на времето, но за време на викендот, особено во сабота, повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои на одделни места може да бидат пообилни. Температурите ќе бидат во постепено опаѓање, што ќе создаде зимски услови, особено во повисоките предели и на планинските превои.Надлежните служби апелираат на зголемена внимателност во сообраќајот и навремено прилагодување на движењето на зимските услови.

Македонија | пред 2 месеци

media-library6kc6stqu2v0t1K0qrVF

Мицкоски со божиќна порака: Силна држава се гради од силни семејства

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, упати божиќна порака до православните верници, во која ја нагласи важноста на семејството, верата и солидарноста како темелни вредности врз кои се гради стабилна и силна држава.Во пораката, Мицкоски истакна дека Божиќ е празник кој потсетува на суштинските вредности што со векови го обликувале македонскиот народ, нагласувајќи дека силата на општеството започнува во домот.„Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите. Ден кога се потсетуваме на она што навистина нè држи заедно: семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит“, порача Мицкоски.Тој посочи дека стабилната држава се гради врз здрави семејства и дека иднината на општеството се чува преку грижата за најмладите. Според него, во време на брзи промени и бројни предизвици, Божиќ е повик за враќање кон вредностите што обезбедуваат опстанок и напредок – заемна грижа, солидарност и одговорност кон ближниот.„Грижата за семејствата е грижа за иднината на Македонија. Децата заслужуваат сигурност, внимание, воспитување и средина во која ќе растат со јасни вредности, чувство на припадност и надеж“, истакна премиерот, додавајќи дека обврска на институциите е да создаваат услови за достоинствен живот на секое дете и поддршка за секое семејство.Во пораката се нагласува и значењето на единството, со пораката дека само како заедница која се почитува, се слуша и си помага, државата може да одговори на предизвиците и да гради стабилна, праведна и сигурна иднина.На крајот, Мицкоски им посака мир во домовите, здравје и спокој во семејствата на сите православни христијани, завршувајќи со традиционалниот божиќен поздрав:„Христос се роди!“

Македонија | пред 2 месеци

media-library1740ettvi1g8eGq6IoK

Празникот на светлината: Божиќните обичаи и пораки низ Македонија

Божиќ е најголемиот христијански празник на радоста – денот кога се слави раѓањето на Исус Христос. Во македонската православна и народна традиција, тој не е само верски чин, туку празник што ја става во центар семејната заедница, новиот живот, родителството и блискоста. Суштината, без оглед на регионалните нијанси, останува иста: домот се собира, се негува мирот меѓу ближните и се отвора простор за благодарност, смирение и помирување.Божиќ се празнува на 7 јануари според јулијанскиот календар, а честитањето во народот е обележано со традиционалниот поздрав: „Христос се роди!“, на што се одговара: „Навистина се роди!“ Често се додава и формулата „Мир Божји, Христос се роди“, со што се нагласува централната порака на празникот – мирот како духовна и семејна потреба, како вредност што ги држи луѓето блиску и ги зацврстува односите во домот.Евангелските сведоштва за раѓањето на Христос се длабоко вткаени во религиозната култура, но и во народната песна и предание. Раскажувањето за патувањето на Јосиф и Марија во Витлеем поради пописот, пештерата како засолниште, пастирите кои први ја слушаат радосната вест и мудреците кои пристигнуваат со дарови – злато, темјан и измирна – со векови го гради литургискиот наратив и ја обликува народната претстава за Божиќ. Токму затоа празникот се нарекува и „матица“ на другите празници: без Христовото раѓање, во теолошка смисла, не би имало ниту Крштевање, ниту Воскресение, ниту Вознесение, ниту целата празнична вертикала што ја следи христијанската година.Во македонската традиција, обичаите на Божиќ се продолжение на бадниковите, со коледарските песни и симболиката на светлината. Во различни места се среќаваат специфични форми на обредно соопштување на радосната вест – носење ѕвезда, изведување вертепски сцени и обиколки на деца и млади кои пеат пред домовите. Во одделни краишта, особено во Западна Македонија, се зачувале и посебни локални верувања – кршење ореви за „гледање“ на годината, чување бадници крај домашната икона, затворање порти како заштита од „нечисти сили“ и други ритуали што народот ги поврзува со периодот до Водици.И покрај богатата обредност, најсилната порака што ја носат Бадник и Божиќ останува едноставна и човечка: домот да биде место на тишина, мир и блискост, а празникот да биде повод за помирување, благодарност и добрина. Затоа и старата изрека „Кај и да си, за Божиќ дома да си“ не е само фолклорна формула, туку потсетник дека смислата на празникот најјасно се препознава во заедништвото.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryovtf8fehm0ru0vta4q4

МВР отвори постапка по фотографиите со попот и осветувањето на полициските возила

Министерството за внатрешни работи соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите поврзани со фотографиите на кои се гледа верски обред врз службени полициски возила во кругот на Министерството.„Во однос на објавените фотографии за кои прашувате, Министерството за внатрешни работи ве известува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема соодветни мерки и активности за целосно утврдување на околностите, по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, наведуваат од МВР за „Скопје1“Фотографиите, кои во изминатите денови се проширија на социјалните мрежи, предизвикаа бурни реакции во јавноста. На нив се забележува свештеник како врши верски обред и осветување на службени возила во дворот на МВР, при што се присутни и полициски службеници.Дел од граѓаните го оправдуваат ваквиот чин, посочувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување на возила и дека станува збор за симболичен гест со цел заштита и безбедност. Наспроти тоа, друг дел од јавноста остро реагира, оценувајќи дека ваквата практика е спротивна на уставното начело на секуларност и дека државните институции мора да бидат верски неутрални.Новинарот Фуркан Салиу од „ПорталХ“ јавно реагираше, оценувајќи дека не станува збор за традиција, туку за сериозно прашање на уставност.„Полицијата во Македонија е мултиетничка, мултирелигиска и мора да им служи на сите еднакво. Таа не припаѓа на ниту една вера. Кога една вера добива официјален простор во полицијата, пораката до другите е јасна – оваа институција има доминантна вера. Ова не е симболика, туку институционализација на религијата и кршење на Уставот, кој ја дефинира државата како секуларна“, напиша Салиу.Дебатата повторно го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, како и за потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор. Слични реакции во јавноста имаше и пред една година, кога беше извршен верски обред во Собранието.Од МВР најавуваат дека по завршување на постапката за утврдување на фактите, јавноста ќе биде дополнително информирана.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarysg32rpfbia6l0UWb02m

Анонимен крипто-кладилничар заработил речиси половина милион долари од апсењето на Мадуро

Анонимен корисник на американската платформа за обложување со криптовалути Polymarket заработил речиси половина милион долари обложувајќи се на апсењето и заминувањето од власт на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, непосредно пред веста официјално да биде објавена, пренесува BBC.Според податоците од платформата, бројот на облози дека Мадуро ќе ја напушти власта до крајот на јануари нагло пораснал во часовите пред американскиот претседател Доналд Трамп јавно да соопшти дека венецуелскиот лидер е уапсен и се наоѓа во притвор во Соединетите Американски Држави.Анонимниот корисник, кој се регистрирал на платформата минатиот месец и поставил вкупно четири облози – сите поврзани со Венецуела – остварил добивка од над 436.000 долари, со влог од околу 32.000 долари.Податоците на Polymarket покажуваат дека корисниците во петокот попладне, на 2 јануари, само еден ден пред апсењето, ги проценувале шансите за заминување на Мадуро од власт на 6,5 проценти. Проценката се искачила на 11 проценти непосредно пред полноќ, а потоа дополнително пораснала во раните утрински часови на 3 јануари – временски период што укажува на нагла промена во очекувањата токму пред објавата на Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.Овој случај отвори сомнежи за можни инсајдерски информации. Денис Келехер, извршен директор на организацијата Better Markets, за американската телевизија CBS изјави дека облогот има „карактеристики на тргување врз основа на инсајдерски информации“.Освен овој корисник, уште неколку учесници на платформата оствариле добивки од десетици илјади долари обложувајќи се на падот на Мадуро од власт.Поради ваквите случаи, демократскиот конгресмен Ричи Торес најави законска иницијатива со која би се забранило државни службеници да се обложуваат доколку располагаат со „материјални нејавни информации“ поврзани со конкретен облог.Платформите за обложување и предвидувања последниве години стануваат сè попопуларни во САД. Компании како Polymarket и Kalshi овозможуваат облози не само за спорт, туку и за политички настани. Тие привлекоа стотици милиони долари облози за исходот на претседателските избори во САД во 2024 година и беа под засилен надзор за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.Во мандатот на Трамп, меѓутоа, овие платформи наидоа на поголемо разбирање. Неговиот син, Доналд Трамп Помладиот, има советодавни улоги во Kalshi и Polymarket, што дополнително ја засили јавната дебата.Иако тргувањето врз основа на инсајдерски информации е строго забрането на берзите, регулативата за онлајн платформите за обложување е значително послаба. Од Kalshi соопштија дека нивните правила „експлицитно забрануваат тргување врз основа на инсајдерски информации од било каков вид, вклучително и облози на државни службеници поврзани со активности на Владата“.

Свет | пред 2 месеци

grenlan

Нордиските земји ѝ порачаа на Америка: За статусот на Гренланд одлучуваат само Данска и Гренланд

Министрите за надворешни работи на Данска, Финска, Исланд, Шведска и Норвешка денеска, поради изразените претензии на Соединетите Американски Држави кон Гренланд, во заедничка изјава повторија дека за статусот на оваа самоуправна територија можат да одлучуваат исклучиво Гренланд и Данска, чиј составен дел е островот.„Заеднички повторуваме дека за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд одлучуваат само Данска и Гренланд“, се наведува во изјавата објавена на официјалната интернет-страница на Министерството за надворешни работи на Данска.Нордиските земји потсетија дека Данска и Гренланд се меѓу основачите на НАТО и дека со децении соработуваат тесно со САД во сферата на безбедноста на Арктикот. Во тој контекст е спомнат и Одбранбениот договор меѓу Данска и САД од 1961 година.Во заедничката позиција се нагласува дека безбедноста на Арктикот се темели врз почитување на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, вклучително и неповредливоста на границите. Како членки на НАТО, нордиските држави истакнуваат дека остануваат посветени на зачувување на безбедноста, стабилноста и соработката во арктичкиот регион.Во изјавата се наведува и дека овие земји веќе презеле чекори за зајакнување на одбраната на Арктикот преку нови капацитети, активности и зголемено присуство, како и дека ја поддржуваат засилената улога и будност на НАТО во регионот.„Значително ги зголемивме нашите инвестиции во арктичката безбедност и подготвени сме да направиме уште повеќе, во тесна координација со САД и другите сојузници во НАТО“, се вели во соопштението.Претходно денеска, премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, ги повика Соединетите Американски Држави да го почитуваат дијалогот преку соодветни дипломатски и политички канали и да ги користат форумите што се засноваат на постојните меѓународни договори.Во меѓувреме, лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Данска со заедничка изјава на поддршка за Гренланд реагираа на ставовите на висок функционер на Белата куќа, Стивен Милер. Тој изјави дека американското полагање право на контрола врз Гренланд претставува „официјален став на Владата на САД“ и дека „никој нема да војува со Америка за иднината на Гренланд“.Гренланд е самоуправна територија во рамки на Кралството Данска, со сопствен премиер, влада и парламент составен од 31 пратеник избрани на национални избори.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryqu80f1vkbh0j2C3K6fJ

(Фото) Осветувани новите возила во МВР: едни поддржуваат, други негодуваат - но не е прв верски обред во институции...

Фотографии на кои се гледа свештеник како врши верски обред и осветување на службени возила во кругот на Министерството за внатрешни работи се проширија на социјалните мрежи и предизвикаа бурни реакции во јавноста.На фотографиите се забележуваат полициски автомобили паркирани во дворот на МВР, околу кои се изведува религиозен обред, како и присуство на полициски службеници. Дел од јавноста го оправдува ваквиот потег, посочувајќи дека во православната традиција постои молитва за осветување на возила и дека станува збор за симболичен чин со цел заштита и безбедност.Сепак, друг дел од граѓаните и јавните личности остро реагираат, оценувајќи дека ваквата пракса е спротивна на принципите на секуларната држава. Тие укажуваат дека полицијата е државна институција која мора да биде еднаква и неутрална кон сите граѓани, без разлика на нивната верска или етничка припадност.Новинарот Фуркан Салиу од „ПорталХ“ јавно реагираше, оценувајќи дека не станува збор за традиција, туку за сериозно прашање на уставност. Според него, изведувањето верски обред врз службени возила во рамки на државна безбедносна институција испраќа порака дека една вера добива институционален простор, што е спротивно на уставното начело за секуларност.„Полицијата во Македонија е мултиетничка, мултирелигиска и мора да им служи на сите еднакво. Таа не припаѓа на ниту една вера. Кога една вера добива официјален простор во полицијата, пораката до другите е јасна: оваа институција има доминантна вера. Ова не е симболика. Ова е институционализација на религијата и кршење на Уставот, кој ја дефинира државата како секуларна. Од МВР засега нема официјално соопштение во врска со настанот. Дебатата, меѓутоа, повторно го отвори прашањето за границата меѓу верските обичаи и функционирањето на секуларните државни институции, како и за потребата од јасни правила и одговорност во јавниот простор“, напиша Салиу.Од МВР засега нема официјално соопштение во врска со настанот.Пред една година, Африм Гаши изврши верски обред во Собранието, што наиде на реакции.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryu9q1bfj5h0s4cwWbyan

(Фото) Среќа што немало пешак: возач излета со возилото во приватен двор во Волково

Автомобил излетал од коловозот, се искачил на тротоар и удрил во ограда на приватен имот во Волково, во близина на местото викано „Шкорпион“ во Ѓорче Петров. Инцидентот се случи во вечерва, а според сведоштво на очевидец, за среќа во моментот на несреќата на тротоарот немало пешаци ниту други возила.Од фотографиите и пораките што ги испрати очевидецот, може да се види дека дека невниманието на возачот можело да доведе до голема катастрофа. Повикана беше полиција која правеше увид, а возачот ќе биде тестиран за алкохол.„Излета на тротоар и удри кај комшијата во ограда. Лом им направи. Среќа што немаше возила и луѓе на тротоар. Овде е страшно да се живее веќе. Хаос“, стои во сведочењето за „Скопје1“.Жителите реагираат дека ваквите сообраќајни инциденти се зачестени и апелираат до институциите за зголемени контроли, особено во вечерните и ноќните часови, како и за подобра сообраќајна сигнализација и физички мерки за заштита на пешаците.Повеќе информации се очекуваат од МВР во текот на утрешниот ден.ПРЕТХОДНО во близина на истава локација:

Скопје | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања