Промени тема
За нас
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев
Претрес во кочанската болница и противпожарна бригада - разговор со обвинетиот обезбедувач Захариев

Кристијан Ландов

ustaven-sud

Сомнеж за повреда на владеењето на правото: Уставниот суд го отвори случајот со извршувањето над јавните институции

Уставниот суд на Република Македонија на седница одржана на 21 јануари 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и спротивна на уставните начела на владеење на правото и заштита на сопственоста.Според Судот, со оспорениот член се воведува општа и недоволно дефинирана забрана за извршување врз предмети и права на државата, органите на јавната власт, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, доколку тие се сметаат за неопходни за вршење на нивната дејност. При тоа, законодавецот не утврдил јасни правни стандарди ниту прецизирал кои конкретни предмети и права се опфатени со ова ограничување.Уставниот суд изрази сомнеж дека ваквото законско решение доведува до ситуација во која правосилните судски пресуди и извршните решенија во корист на граѓаните и правните лица остануваат само формално признати, но во практика неизводливи. Како што беше посочено, доверителите можат да добијат пресуда во своја корист, но да не можат да ја реализираат, бидејќи не е јасно што точно може, а што не може да биде предмет на извршување.Дополнително, Судот го проблематизираше и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на надлежниот суд да утврди кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста на должникот. Според оценката на Судот, ваквото решение создава правна непредвидливост и отвора простор за произволно одлучување, што директно ја нарушува правната сигурност како темелна уставна вредност.Во образложението беше нагласено дека ограничувањето на можноста за ефективна наплата на парични побарувања може да значи и повреда на уставно загарантираното право на сопственост, бидејќи доверителите, и покрај добиената пресуда, фактички остануваат без заштита.Иако подносителот на иницијативата, Николче Митевски, ја оспорил само содржината на првиот став од членот 218, Уставниот суд по сопствена иницијатива одлучи постапката да ја прошири и на вториот став, оценувајќи дека тие се меѓусебно поврзани и не можат одвоено да опстојуваат во правниот поредок.Во иницијативата е наведен и конкретен пример од судската пракса, каде лице вработено во комунално претпријатие, со наполнети 15 години работен стаж, не можело да го оствари правото на пензија поради неисплатени придонеси. Иако лицето добило правосилна судска пресуда во своја корист, извршување не било можно, бидејќи извршителот не можел да преземе дејствија против јавното претпријатие токму поради непрецизноста на спорната законска одредба.Уставниот суд најави дека при донесувањето на конечната одлука ќе го земе предвид и правното дејство што евентуалното укинување или поништување на членот 218 би го имало врз државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршни постапки, и согласно тоа ќе ја цени конечната одлука.

Македонија | пред 2 месеци

mickoski-filipce

Филипче: Мицкоски беше турист во Давос, Македонија никогаш поизолирана

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата остро го критикуваше премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото присуство на Светскиот економски форум во Давос било „чист туризам“, додека државата, како што рече, се наоѓа во најдлабока дипломатска и социјална криза.Според Филипче, Мицкоски „глумел светски лидер“, но за пет дена не остварил ниту една значајна средба, додека во Македонија „народот се бори за корка леб, а државата пука по сите шавови“.„Додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот? Во Давос. Прави селфија по ходници, без ниту една суштинска средба. Тоа не е хипербола – човекот беше турист. Скап туризам платен со народни пари“, рече Филипче.Тој оцени дека Македонија е во целосна дипломатска изолација, со блокиран европски пат и без јасна стратегија за меѓународно позиционирање.„Европа нè отпиша, а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Ова е дипломатско лудило и конфузија што не може да се оправда. Ова е предавство на националните интереси“, изјави Филипче.Во продолжение, лидерот на СДСМ посочи дека, според него, единствениот план на ВМРО-ДПМНЕ е Македонија да остане „заглавена во калта на Балканот“, без европски правила, судови и контрола.„Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона и тампон за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од шест милијарди евра. Ја продаваат безбедноста на домовите и на децата за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ“, нагласи Филипче.Тој додаде дека нема да дозволат државата да стане „логoр за туѓи геополитички поткусурувања“, додека младите масовно ја напуштаат земјата.Осврнувајќи се на предизборните ветувања на актуелната власт, Филипче рече дека наместо најавената „гордост“, Македонија е доведена „до питачки стап“.„ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека СДСМ била потчинета на Европа и дека тие ќе ја враќале гордоста. А што добивме? Влада целосно потчинета, уценета и купена со кеш и проекти од Александар Вучиќ и Виктор Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот, со премиер кој не смее потпис да стави без одобрување од своите газди“, изјави Филипче.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryr9rbdo8qarrgaGvPbRW

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не се огради од Заев, ДУИ и партиските афери

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на говорот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека тој одржал „празен отчет“ пред партискиот Конгрес, без да се огради од, како што велат, криминалите поврзани со СДС и неговото поранешно раководство.Од партијата посочуваат дека Филипче не дал одговор зошто СДС е петта политичка сила во Скопје и трета на национално ниво, ниту, пак, се оградил од својот политички ментор Зоран Заев. Во реакцијата се наведува дека Филипче го штити, како што тврдат, „криминалот на кланот Дубаи“, во кој, според ВМРО-ДПМНЕ, и самиот има улога.Партијата обвинува дека не се објаснети политиките на СДС кон Бугарија и Грција, вклучително и прифаќањето на францускиот предлог и договорите што, според нив, биле штетни за државата. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто СДС, како што наведуваат, влегол во конфронтација со Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство.Во реакцијата се споменува и Андреј Жерновски, за кого велат дека јавно застапувал бугарски наративи, како и наводната зависност на СДС од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Филипче не се оградил ниту од Артан Груби и случајот со Лотарија, ниту од Васко Ковачевски и аферата „Адитив“, за која се наведува штета од 6,5 милиони евра.Дополнително, се поставуваат прашања за наводните тендери и за користењето на службено луксузно возило, како и за врските со лица поврзани со снабдувањето на ЕСМ со јаглен. Во реакцијата се споменува и Зоран Верушевски, од чие, како што велат, „антидржавно однесување“ Филипче не се оградил.„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче – проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија | пред 2 месеци

1-1-1

Лажен „лекар од Словенија“ измамил 86-годишна жена од Виница за 30.000 евра

Осумдесет и шестгодишна жена од Виница пријавила во полиција дека била жртва на тешка измама, при што останала без 30.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.Како што е пријавено, на 23 јануари 2026 година во 08:50 часот, во ОВР Виница, жената навела дека била телефонски контактирана од лице кое се претставило како лекар од Словенија. Тој ѝ кажал дека нејзината ќерка, која наводно била на привремена работа во Словенија, се здобила со тешки телесни повреди и дека итно била потребна поголема сума пари за нејзина операција.Верувајќи во кажаното, оштетената ги подигнала парите од банка, по што, според инструкциите што ги добила, во дворот од својата семејна куќа ги предала на лице кое било испратено да ги преземе. Дури откако подоцна стапила во контакт со својата ќерка, сфатила дека станува збор за измама.Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и идентификување на сторителот.

Македонија | пред 2 месеци

media-library3gmdcpi8djn1evtcTgd

Кривична пријава за обид за убиство во Охрид: со пиштол пукал во автомобил и тешко повредил возач

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Т. (40) од охридското село Лескоец, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство во обид“, казниво по член 123 од Кривичниот законик.Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 30 декември 2025 година, околу 01:00 часот, на локален пат во близина на струшкото село Ливада. Осомничениот со огнено оружје – пиштол, пукал кон паркирано патничко возило „Голф“, при што на возачот Џ.Д.П. (40) од Охрид му нанел тешки телесни повреди.Повредениот бил пренесен и згрижен во Општата болница во Струга, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди. По пукањето, осомничениот со сериозни закани кон сопатничката во возилото ја принудил да влезе во неговиот автомобил.По преземените истражни дејствија и прибирањето на доказите, СВР Охрид поднело кривична пријава до надлежното обвинителство, а против осомничениот ќе се води понатамошна постапка.

Охрид | пред 2 месеци

DSC_0052

Тепачка меѓу жени на паркинг на Бит Пазар, кражби на оружје, апсење на син поради закани кон татко му - полицијата во Скопје со полни раце работа

Во текот на изминатите два дена, во СВР Скопје се евидентирани повеќе случаи на физички напади, закани и тешки кражби на различни локации во главниот град и скопско, информира Министерството за внатрешни работи.На 23 јануари околу 22:40 часот, 48-годишна жена од Скопје пријавила дека била физички нападната од друго женско лице на паркинг простор на подрачјето на Бит Пазар, по претходно недоразбирање околу паркирање. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.Ден претходно, на 22 јануари во 17:20 часот, 54-годишен скопјанец пријавил тешка кражба во неговата викенд-куќа во селото Бразда. Според пријавата, во периодот од 18 до 22 јануари, од објектот биле одземени пневматска воздушна пушка од марката „Хатсан“, модел „AIR TACT ED“, како и пари.Истиот ден, на 23 јануари околу 22:30 часот, жител на општина Илинден пријавил дека неговиот 14-годишен син бил физички нападнат од тројца малолетници на паркинг простор во селото Марино. Според пријавеното, едно од лицата употребило метален предмет. Случајот се истражува.Уште еден физички напад бил пријавен од 18-годишен скопјанец, кој на 23 јануари во 23:20 часот пријавил дека ноќта претходно, пред влезот на неговата зграда во Чаир, бил нападнат од неколку лица.Полицијата на 23 јануари во 11:40 часот лишила од слобода 27-годишен маж од скопско, по пријава од неговиот 60-годишен татко, кој добил заканувачки пораки по мобилен телефон за неговиот живот и животот на сопругата. По целосно документирање, против осомничениот ќе биде поднесен соодветен поднесок.Дополнително, на 22 јануари, 39-годишен жител на Чаир пријавил тешка кражба во неговиот дом, извршена во периодот од 15:00 до 19:40 часот. Од куќата биле одземени 120.000 денари, златен накит и лаптоп. Извршен е увид и истрагата е во тек.Од МВР информираат дека за сите пријавени настани се преземаат соодветни мерки со цел нивно целосно расчистување и утврдување на одговорност.

Скопје | пред 2 месеци

media-libraryr7roa88vb2n92eO0WQU

Трамп го урна стариот светски поредок: Западот се буди во ера без правила

Американскиот претседател Доналд Трамп за само неколку дена ја промени глобалната политичка рамнотежа и го доведе во прашање светскиот поредок воспоставен по Втората светска војна. Со закани за царини, отворен притисок врз сојузниците и директни пораки дека силата е поважна од правилата, Трамп испрати јасен сигнал дека ерата на предвидлива и координирана западна политика завршува.Од моментот кога повторно ја актуелизираше идејата за преземање на Гренланд, па сѐ до настапите на Светскиот економски форум во Давос, стана јасно дека старите табуа повеќе не важат. Наместо меѓусебна доверба и партнерство, во фокусот дојде политика на притисок, условување и демонстрација на моќ.Со изјавите дека „на овој или на оној начин“ САД ќе го добијат Гренланд, Трамп директно го доведе во прашање кредибилитетот на НАТО и безбедносните гаранции меѓу сојузниците. Истовремено, со селективни закани за царини и нивно повлекување во зависност од личните односи со лидерите, тој ја замени институционалната дипломатија со персонализирана политика.Во Европа, ваквиот пристап предизвика шок и сериозна загриженост. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека неделата започнала со ескалации и закани какви што биле незамисливи пред неколку години, додека европските дипломати отворено признаваат дека САД повеќе не се перципираат како стабилен и сигурен партнер.Посебно остри беа реакциите од Лондон, каде британскиот премиер Кир Стармер ги нарече изјавите на Трамп за НАТО навредливи и опасни, потсетувајќи дека членот 5 за колективна одбрана бил активиран само еднаш – по нападите врз САД на 11 септември. Тој нагласи дека европските сојузници плаќале висока цена во заедничките мисии, вклучително и со човечки животи.Во ваква атмосфера, Европа се соочува со тежок избор: да прифати улога на помал партнер кој се прилагодува на волјата на Вашингтон или да почне сериозно да гради сопствена стратешка автономија, особено во одбраната. Сѐ погласни се пораките дека континентот мора да се осамостои од хировите на Белата куќа, иако реалноста покажува дека без американската воена и економска моќ, тоа нема да оди брзо.И покрај тоа што дел од европските лидери и натаму повикуваат на соработка и воздржаност, пораката од Вашингтон е јасна: правилата се менуваат, а отпорот е единствениот јазик што Трамп навистина го разбира. Како што заклучуваат аналитичарите, обидот да му се угоди на претседател чии барања постојано се поместуваат, може да значи само едно – уште поголема нестабилност и продлабочување на јазот меѓу САД и нивните традиционални сојузници.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryqqssq6lilkkf2M5AB3M

Конгресот на СДСМ може да работи – обезбедено мнозинство: Над 65 проценти од делегатите се во сала

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска во Скопје го одржува 31. Конгрес во хотелот „Александар Палас“, на кој се анализира изборниот резултат од последните локални избори и се отвора расправа за идната насока на партијата.Иако во изминатите денови, преку официјални и неофицијални канали, кружеа информации дека раководството на СДСМ се соочува со сериозен предизвик да обезбеди мнозинство од делегатите и дека е доведено во прашање одржувањето и легитимитетот на Конгресот, на почетокот на работниот дел беше соопштено дека се присутни повеќе од 65 проценти од делегатите. Со тоа беа исполнети условите Конгресот да работи и да носи одлуки.Конгресот се одржува под раководство на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој во изминатиот период беше под силен притисок од дел од поранешните високи партиски функционери и од критичката струја во партијата.Во салата се присутни и актуелни пратеници од СДСМ, а во официјалниот дел на Конгресот учествуваше и поранешниот претседател на партијата и поранешен премиер, Владо Бучковски.Во пресрет на Конгресот, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, изјави дека пратеничката група е стабилна и единствена, отфрлајќи ги шпекулациите за можно нејзино распаѓање.„Пратеничката група на СДСМ е компактна, составена од луѓе кои растеле и се граделе низ партијата. Триесет години ја граделе СДСМ и на ниту еден пратеник од нашата пратеничка група не му е сеедно каде ќе се движи партијата. Сите други шпекулации немаат вредност“, изјави Спасовски.Конгресот се очекува да продолжи со расправа за причините за изборните резултати, внатрепартиските состојби и политичките приоритети на СДСМ во периодот што следи.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarysadj1g24iub21Rpr4Vf

(Видео) „Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“, револт во Струмица поради загадениот воздух

Во Струмица вечерва се одржа протест за чист воздух, на кој граѓаните јавно го искажаа револтот од долгогодишното аерозагадување и, како што порачаа, институционалната незаинтересираност за заштита на јавното здравје.Со транспаренти на кои пишуваше „Колку пари чини еден живот“, „До кога ќе бидеме депонија Европа“, „Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“, „Надлежни за плата, ненадлежни за воздух“, „Корупцијата труе повеќе од индустријата“ и „Од смогот не се гледа иднината“, демонстрантите побараа итни и конкретни мерки за намалување на загадувањето и заштита на здравјето на граѓаните.Од говорницата беше упатена остра критика кон институциите, при што говорниците истакнаа дека молкот и отсуството на реакција не се случајни, туку претставуваат свесна политика. Беше нагласено дека станува збор за политика на одолговлекување и „купување време“, во која се чека да помине уште една сезона, уште една зима или лето, додека последиците по здравјето на граѓаните се продлабочуваат.„Кога државата не реагира како во вонредна состојба, таа испраќа порака дека нашето здравје е колатерална штета“, порачаа говорниците, предупредувајќи дека загадениот воздух директно влијае врз квалитетот на животот, а најмногу ги погодува децата, старите лица и хронично болните.Протестот помина со извици „Сакаме да дишеме!“, а граѓаните порачаа дека нема да се откажат од притисокот кон надлежните сè додека не се преземат сериозни и долгорочни мерки за решавање на проблемот со загадениот воздух.

Македонија | пред 2 месеци

media-library8a44hhthq0pn3VV5H13

Стојаноски: СДСМ и ДУИ гласаа против „Безбеден град“ и безбедноста на граѓаните

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ги обвини СДСМ и ДУИ за, како што рече, деструктивно однесување при усвојувањето на измените на Законот за прекршоци, со кои официјално започнува функционирањето на системот „Безбеден град“.Стојаноски оцени дека јавноста и пратениците во Собранието биле сведоци на здружено дејствување на СДСМ и ДУИ против законски измени кои, според него, директно ја унапредуваат безбедноста во сообраќајот и ги штитат животите на граѓаните. Тој посочи дека пратениците на Венко Филипче и Али Ахмети и во опозиција продолжуваат да настапуваат заеднички, овојпат, како што рече, спротивно на јавниот интерес.Според Стојаноски, наместо да ги надминат партиските калкулации и да поддржат решение кое носи конкретни придобивки за граѓаните, СДСМ и ДУИ одлучиле да не го поддржат законот, наведувајќи различни забелешки и сомнежи за можни злоупотреби на податоците. Тој во таа насока го постави прашањето што овие партии презеле во изминатите седум години додека биле заедно на власт, доколку сметале дека ваквиот систем е проблематичен.Стојаноски директно го посочи и поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, прашувајќи зошто во неговиот мандат не биле преземени конкретни чекори за унапредување на сообраќајната безбедност.Како аргумент за ефикасноста на „Безбеден град“, пратеникот се повика на статистичките податоци, според кои првиот ден од тестирањето биле регистрирани околу 110 илјади сообраќајни прекршоци, додека само 24 часа подоцна бројката се намалила на околу 50 илјади. Тој истакна дека тоа, според него, е јасен показател за превентивниот ефект на системот.Во однос на сообраќајната безбедност, Стојаноски посочи дека Македонија има околу 65 жртви во сообраќајот на еден милион жители, што е за околу една четвртина повеќе од европскиот просек од 45 жртви. Како позитивен тренд го наведе податокот дека во декември 2025 и јануари 2026 година бројот на смртни случаи е намален од 11 на 2.На крајот, Стојаноски порача дека СДСМ и ДУИ се спротивставиле на систем кој, според него, директно придонесува за поголема безбедност на граѓаните, додека ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ќе продолжи да носи мерки и закони во интерес на јавната безбедност и граѓаните.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryrhb9sbv0ki648OKTANs

(Видео) Филипче ги избрка од СДСМ тие кои „седат на две столчиња“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека партијата влегува во фаза на целосна внатрешна консолидација и дека повеќе нема да толерира членови кои, како што рече, „седат на две столчиња“ и истовремено работат за други политички опции.Филипче јасно стави до знаење дека СДСМ ќе биде отворена за сите кои искрено сакаат да се борат заедно со партијата, но дека нема место за оние кои ја поткопуваат одвнатре. Тој упати директна порака до, како што ги нарече, „тројанските коњи“, потенцирајќи дека таквото однесување повеќе нема да биде дозволено.„Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е – вистински, искрено, братски. Но кој планира да нѐ поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот и смрт на демократијата или не сме ништо. Јас бирам да бидеме сѐ“, изјави Филипче.Тој нагласи дека партијата нема да функционира од „удобни фотељи“ и преку објави на социјалните мрежи, туку дека СДСМ се враќа на терен, меѓу граѓаните. Според него, активностите на партијата ќе бидат насочени кон директен контакт со луѓето, но не со цел да се моли за поддршка, туку да се разбуди јавната свест и политичката енергија во државата.„Нема пишување статуси од удобни фотељи. СДСМ е на терен, ќе чукаме на секоја врата, но не за да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија“, порача лидерот на СДСМ.Со овие пораки, Филипче испраќа сигнал дека во периодот што следува СДСМ ќе инсистира на лојалност, јасна политичка определба и активна вклученост на членството, во обид да се зацврсти партијата пред идните политички предизвици.Ова доаѓа откако челници на партијата помеѓу кои се Петре Шилегов и Јован Деспотовски, јавно го критикуваа Филипче.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryirfgn5tvc780dhbgEFi

Хаос, безредие на паркинг, мраз на угорници, за`рѓани корпи на жичара - „слатко-горко чувство“ од Маврово

Актерот Гораст Цветковски преку емотивен и критички осврт од Маврово ја опиша реалноста на еден од најпотенцијалните, но и најзапоставени туристички простори во државата – со мешавина од воодушевување и горчина.Во објава од бачилото „Трифкова колиба“, Цветковски пишува дека ретко кога почувствувал толку силно „слатко-горко чувство“. Од една страна, ја опишува природната убавина како речиси совршена.„Во моментов сум во Маврово... во бачилото Трифкова Колиба и не се сеќавам кога последне пат ме облеало вакво слатко-горко чувство.Седиш и кислород ти ги полни градите. До недоглед белина. Чисти врвови, снег до крајот на светот. Простор за уште 10 стази. Куп насмеани луѓе. Скијачи, бордери, пешаци. По некое залутано бате што го излажале дека ќе му биде забавно дур другите скијаат. Убаво бачило (иако јас сум врзан за претходното). Разумни цени, ок услуга и персонал.Да му го сликам ова на некој странец и да тагнам Мадона ди Кампиљо ќе ми позавиди. Мерак на душата, ќеив на...Од друга страна, хаос и безредие на паркинг, излупени огради и рамли, ракохвати што се клатат, неисчистени скалила, мраз скоро на секоја угорница. Излупени столбови, за`рѓани корпи на жичара, излитени седалки. По 3ца луѓе (грешници) задолжени да те прифатат кога се качуваш и симнуваш за да не скршиш глаа. По еден или двајца (грешници) на секој ски лифт за да ти помогнат со котвата. Пристап до бачило замрзнат. Скали... има, ама под снегот.Внатре ладно. Камен! Еден камин работи, другиот...да е жив и здрав,... Мраз! Масите неизбришани од претходниот ден. Висат мрежни и антенски кабли, темни флеки од влага и мувла на неколку ќошеви и ѕидови. Фората со стакла дека има наша, домашна волна за изолација во ѕидовите е супер... освен што се извадени стаклата па волната е разлетана навака натака.Во тоалет нема хартија, едната чешма нон стоп тече. Мраз ладно! Рока музика... не можеш мисли да си чуеш...Не ми беше мука да го искуцам ова, ама ми е мука што немам 1.000.000.697 пари за да го купам и опраам ова.пс: Да не заборава, да пишам, у бачило е КАМЕН ладно... луѓе искачаат надвор да се згреат!“, напиша Цветковски.

Коментари | пред 2 месеци

media-libraryhcohvp1o16mfdhJ1HHi

Колку чини секој прекршок: Казните што ги носи „Сејф сити“

Со стапувањето во сила на системот „Сејф сити“, камерите автоматски ќе санкционираат четири конкретни сообраќајни прекршоци, за кои се утврдени јасни и фиксни казни, согласно Законот за прекршоци и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.1. Пречекорување на дозволената брзинаЗа пречекорување на брзината, казните зависат од тоа за колку километри на час е надмината дозволената граница:– до 20 km/h над дозволеното: 20 евра во денарска противвредност– од 20 до 30 km/h: 45 евра– од 30 до 50 km/h: 300 евра, и забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци– над 50 km/h: 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месециВо населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.2. Минување на црвено светлоЗа минување на црвено светло, системот автоматски изрекува:– 250 евра парична казна– забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месециДоколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, следува и кривична одговорност.3. Истечена важност на сообраќајна дозвола/регистрацијаЗа управување со возило со истечена сообраќајна дозвола:– 100 евра казна за возачот– 250 евра казна за сопственикот на возилото, доколку е друго лицеОвој прекршок се регистрира автоматски преку поврзување на системот со регистрите на МВР.4. Непрописно запирање и паркирањеЗа непрописно паркирање или запирање на забрането место:– 30 евра казна за стандардни прекршоци– 45 евра казна доколку возилото го попречува сообраќајот– 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченостВо случаи каде што возилото претставува ризик, следува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.„Попуст“ за навремено плаќањеДоколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа 50 проценти од износот. По истекот на рокот, казната се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.Автоматска забрана и одземање дозволаВозач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано по една година.Со почетокот на примената на системот „Сејф сити“ од 1 февруари 2026 година, во Македонија стапува на сила нов, значително построг начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци. Наместо класични полициски контроли, казните ќе се изрекуваат автоматски, врз основа на видео и електронски докази собрани преку камерите и сензорите на системот „Безбеден град“.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryvifc7ppnmr4a1WXgby2

(Видео) Филипче на конгресот: Ние сме лекот, ние сме гласот што грми - државотворноста ни тече низ вените

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата упати остар и симболичен говор, во кој СДСМ ја позиционираше како државотворна и заштитничка сила во македонското општество, спротивставена на, како што рече, обидите за поделба, пљачка и изолација на државата.„Ние сме директни наследници на тие кои во 1944 година имаа храброст да кажат дека тука ќе има држава. Таа државотворност тече низ вените на секој еден од нас. Црвената боја на знамињата не е декор, туку потсетник да ја чуваме републиката тогаш кога другите сакаат да ја поделат, пљачкаат и изолираат“, изјави Филипче.Во говор исполнет со силна реторика, тој ја опиша СДСМ како клучен коректив и заштитен механизам во општеството.„СДСМ е имунолошкиот одбранбен систем. Ние сме лекот, ние сме гласот што грми“, порача претседателот на партијата, нагласувајќи дека улогата на СДСМ не е само политичка, туку и историска и општествена.Филипче направи и историска паралела, истакнувајќи дека во најтешките моменти за државата, СДСМ била таа што го осветлувала патот.„Кога ѝ се спуштал мрак на државата, СДСМ била факелот кој го покажувал патот“, рече тој.Во завршниот дел од обраќањето, лидерот на СДСМ упати жестока критика кон актуелната власт, оценувајќи дека состојбите во државата претставуваат „брутално отрезнување“ за граѓаните.„Ова е собир за спас на македонското достоинство. Погледнете што се случува надвор. Што ни донесоа овие на власт – тоа е брутално отрезнување. Ни ветија гордост, а нѐ донесоа до питачки спас“, изјави Филипче, завршувајќи со порака дека СДСМ останува подготвена за, како што рече, борба за државата и за граѓаните.

Македонија | пред 2 месеци

trendafilov-5151

Протест за плата на 28 јануари: „И еден работник да излезе, ќе бидеме со него“

Сојузот на синдикатите на Македонија, Сојуз на синдикатите на Македонија, најави протест за зголемување на платите, кој ќе се одржи на 28 јануари со почеток во 17 часот, пред просториите на ССМ.Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатот ќе застане зад секој работник кој ќе одлучи да го искаже своето незадоволство.„И еден работник да излезе на улица, ССМ ќе биде со него и ќе бара зголемување на неговата плата“, истакна Трендафилов, нагласувајќи дека борбата за достоинствени примања не смее да се одложува ниту да се префрла на друг.Од ССМ упатија јавен повик до сите вработени да се приклучат на протестот, порачувајќи дека платите се заеднички проблем и дека само со заеднички притисок може да се издејствуваат конкретни решенија.„Протестираме за плата. Придружи ни се, не чекај друг да се бори за твојата плата“, порачуваат од ССМ, најавувајќи дека протестот е порака до институциите дека трпението на работниците е при крај и дека е време за реални и видливи подобрувања на животниот стандард.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryieg4pv38en095ogzW0w

„Животите ги ризикувавме за Плачковица“ – апел на заменик-директорот на „Национални шуми“

Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Национални шуми, Кире Михаилов, со јавно обраќање до граѓаните на Радовиш реагираше на, како што вели, недостигот од поддршка по преземените институционални мерки против бесправната сеча и пустошењето на планината Плачковица.Михаилов потсети дека во изминатиот период јавноста била силно вознемирена од уништувањето на шумите, од опасното движење на лица со неисправни возила без регистарски таблички, како и од кражбите по викендиците на Плачковица. Според него, токму тие појави биле причина за силен притисок врз институциите да реагираат, па дури и за најави за протести пред Општина Радовиш.„Ако сето тоа навистина ви пречеше, зошто сега не застанете во одбрана на она што го сработивме? Зошто молчите додека по социјалните мрежи се бранат ‘сиромашните дрвари’, а се премолчува огромната штета што ја прават на целата планина и на Радовиш“, прашува Михаилов.Тој упати апел до граѓаните јавно да им објаснат на оние кои, како што наведува, ниту ја познаваат Плачковица, ниту ја разбираат штетата од бесправната сеча, што всушност се случува на терен. Воедно, тој изрази разочараност што по акцијата спроведена од надлежните институции не следела очекуваната поддршка од истите тие граѓани кои претходно барале итни мерки.Михаилов нагласи дека во акцијата биле ризикувани човечки животи, справувајќи се, како што рече, со организирани групи кои со години правеле сериозни штети врз шумскиот фонд. Според него, тие активности не биле преземени за личен интерес, туку за заштита на граѓаните, нивните деца и природното богатство на регионот.„Ако ова не ви значи и ако не го браните она што го правиме, тогаш се поставува прашањето зошто било кој да се ангажира со проблемите во ‘вашиот’ двор“, порача Михаилов, повикувајќи ги радовишани, планинарите, еколошките активисти и медиумите јавно да се изјаснат.Во обраќањето, тој посочи и на улогата на медиумите, апелирајќи овојпат да се пренесе целосната слика и сите реакции од јавноста, а не селективни коментари кои, според него, создаваат искривена перцепција за преземените институционални чекори.

Македонија | пред 2 месеци

putin-vojna

Украина обвинува: Русија изврши масовен ракетен напад додека траеја мировните разговори во Абу Даби

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха остро го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „цинично“ наредил масовен ракетен и дронски напад врз Украина токму во моментот кога во Абу Даби се одржувале мировни разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД, со посредство на Вашингтон.„Овој варварски напад уште еднаш покажува дека местото на Путин не е во мировен процес, туку на обвинителна клупа пред специјален суд“, напиша Сибиха на социјалната мрежа Икс.Русија во раните утрински часови во саботата изврши повеќекратни воздушни напади врз двата најголеми украински града – Киев и Харкив. Во нападите загина едно лице, а најмалку 23 лица се повредени.Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала вкупно 375 беспилотни летала и 21 ракета. Мета повторно била енергетската инфраструктура, при што во големи делови од главниот град беа прекинати снабдувањето со електрична енергија и греењето.Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека е прерано да се извлекуваат заклучоци по првиот ден од разговорите во Абу Даби и ја повика Русија конкретно да покаже дека е подготвена за завршување на војната. Се очекува разговорите да продолжат и во сабота, што е предвидено да биде нивниот последен ден.Во пресрет на средбите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повтори дека Русија не отстапува од барањето Украина да го предаде целиот источен регион Донбас, кој ги опфаќа областите Доњецк и Луганск. Токму ова прашање се смета за главната пречка за каков било договор.Барањето на Путин Украина да се повлече и од деловите на Доњецк што сè уште се под контрола на Киев – околу 20 проценти од регионот, или приближно 5.000 квадратни километри – Зеленски категорично го отфрла. Украинскиот претседател нагласува дека нема да отстапи територии кои Русија не успеала да ги освои во речиси четиригодишната војна.Анкетите во Украина покажуваат минимална поддршка меѓу граѓаните за какви било територијални отстапки. Иако Москва тврди дека сака дипломатско решение, паралелно продолжува да ги остварува своите цели со воени средства.Според украинските власти, пред последниот напад Киев веќе бил погоден од два масовни ноќни напади од почетокот на годината, кои оставиле стотици станбени згради без струја и греење. Заменик-премиерот на Украина изјави дека по најновиот напад, во услови на температури од околу минус 10 степени Целзиусови, дури 800.000 жители на Киев останале без електрична енергија.

Свет | пред 2 месеци

skopje-zagaden-vozduh-magla-1

Скопје не е под магла, туку во гасна комора – секој здив е ризик, тивко труење, вели Богојеси

Претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, со остра и алармантна порака реагираше на состојбата со аерозагадувањето во Скопје, оценувајќи дека главниот град се претворил во „гасна комора“ во која секојдневно се загрозува здравјето и животот на граѓаните.„Ова не е магла, ниту временска појава. Ова е смртоносно аеро-загадување. Го дишеме она што во нормални држави би било причина за воведување вонредна состојба. Секој здив е ризик, секој ден – тивко труење“, порача Богојески.Тој предупреди дека најпогодени се децата, старите лица и хронично болните, но дека никој не е поштеден од последиците. Според него, релативизирањето на проблемот од страна на институциите и дел од стручната јавност директно придонесува за влошување на состојбата.„Доволно беше ПР соопштенија. Скопје се гуши, тука се умира. Додека ‘експертите’ релативизираат, луѓето ги губат животите. Ова не е политика, ова е право на живот“, истакна Богојески.Тој оцени дека загадувањето има директна врска со растот на тешките заболувања, посочувајќи дека, како што рече, „нема семејство без заболен од канцер, ниту човек кој не страда“. Во таа насока, Богојески критикуваше што државата троши огромни средства за лекување, наместо да спречи труење на населението.„Градот не е индустриска зона. Ние не сме лабораториски глувци. Не прифаќаме да живееме и да умираме во гасна комора“, порача претседателот на „Македонски концепт“.На крајот, тој побара итни и конкретни мерки, јасна одговорност и приоритетно ставање на здравјето на граѓаните пред профитот и партиските интереси, нагласувајќи дека „секое молчење е соучесништво“.

Коментари | пред 2 месеци

media-library8llklbb1mcn49hdl1Nu

„Ќе ми недостига мојата омилена шалтерка со полициско-царински хибрид со став!“

Коментарот на Ина Многуфина за дигитализацијата на јавните услуги предизвика внимание поради ироничниот и препознатлив опис на секојдневието на шалтерите, кое, според неа, полека исчезнува со воведувањето електронски документи и е-фактури.„Ова сега со вадење документи електронски и со е-фактура ќе ми се одрази на мојата дружба со шалтерките и ќе ми фали таа енергија на полуцариник, полуџандар тип на понашање“, напиша Многуфина, алудирајќи на, како што вели, специфичната шалтерска култура која со години е дел од секојдневието на граѓаните.Во објавата, таа со хумор опишува вработена во пошта која, според нејзините зборови, „со сите се понаша ко да сме дошле да го опљачкаме трезорот на Народна банка“, при што секој погрешно свртен плик или неправилно подредено картонче се доживува како сериозен прекршок. Посебно, како што наведува, на удар се граѓаните кои ќе згрешат уплатница или не ја знаат шифрата за општина, додека другите шалтери не работат, а разговорите меѓу колешките течат како да ништо не се случува.Со иронија, Многуфина забележува дека дигитализацијата ќе ѝ ја одземе таа „кратка забава“ – моментот кога намерно го подава писмото наопаку и чека реакција од шалтерот, сцена која, според неа, е дел од еден поширок менталитет и културен модел што полека заминува во историјата.Коментарот, иако сатиричен, отвора и поширока слика за односот меѓу граѓаните и администрацијата и за тоа како дигитализацијата, покрај практичните придобивки, ја менува и секојдневната динамика на јавните услуги.

Коментари | пред 2 месеци

media-librarysadjjm8l382vcOgHxHp

Државата со забраната за пушење во јавност ќе им помага на пушачите да се откажат од цигарите, вели министерот за здравство

Примарната цел на новиот предлог-закон за заштита од пушењето е превенција на штетните последици по здравјето, а не казнување на граѓаните, порачува министерот за здравство Азир Алиу.Според Алиу, законското решение е насочено кон подигнување на јавната свест и создавање системска поддршка за лицата кои сакаат да се откажат од пушењето, без нивно стигматизирање.„Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани“, истакнува Алиу.Во рамки на законот се предвидуваат обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувалишта, едукативни активности и континуирана поддршка за граѓаните во процесот на справување со никотинската зависност.Министерот нагласува дека зависноста од никотин не е прашање на навика, туку сериозен медицински и јавноздравствен проблем, кој бара системски и одговорен пристап.„Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето. Затоа, примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето“, додава Алиу.Истовремено, со законските одредби јасно се дефинираат надлежностите на инспекциските служби, санкциите за непочитување на прописите, како и улогата на локалните самоуправи во спроведувањето и надзорот над примената на законот.Од Министерството за здравство порачуваат дека ваквиот пристап има за цел долгорочно подобрување на јавното здравје, намалување на болестите поврзани со пушењето и создавање средина која ги охрабрува граѓаните да донесуваат поздрави животни одлуки.

Македонија | пред 2 месеци

mirjana-najcevska

Криминалците владеат со Македонија затоа што најголемите криминалци се во правосудниот систем и во заштитните тела, вели Најчевска

Коментирајќи го текстот „Невладините ја губат битката за хотелот на Мијалкови: Што одлучиле надлежните по пријавите за беззаконие и корупција?“, професорката Мирјана Најчевска упати остра и директна критика кон институциите и правосудниот систем во државата.„Криминалците владеат со Македонија затоа што најголемите криминалци се во правосудниот систем и во заштитните тела. Се додека не се обезбеди во овие структури да влезат луѓе со два грама мозок и барем еден грам морал, немаме шанси да се избориме со мафијата“, напиша Најчевска.Нејзината реакција доаѓа во контекст на одлуките на надлежните институции поврзани со пријавите за наводно беззаконие и корупција околу хотелскиот објект поврзан со семејството Мијалкови, случај кој подолго време е предмет на интерес на граѓански организации и на јавноста.Со ваквата порака, Најчевска повторно укажува на, како што оценува, системскиот проблем на заробени институции и отсуство на морална и професионална одговорност во телата кои треба да ја спроведуваат правдата, оценувајќи дека без темелна промена во тие структури, борбата против организираниот криминал останува невозможна.

Коментари | пред 2 месеци

policiski-cas-policaec-skopje-7

Уапсени се шест возачи: Бугарин возел над 200 км/ч, прилепчанец со 1,73 промили алкохол

Шест возачи се лишени од слобода и исклучени од сообраќај во одделни полициски акции спроведени во изминатите два дена на повеќе локации низ државата, информира Министерството за внатрешни работи. Петмина од нив биле затекнати под дејство на алкохол, додека еден возач управувал возило со брзина далеку над дозволената.На 23 јануари 2026 година во 10:46 часот, на автопатот А1 во близина на селото Милетково, гевгелиско, полициски службеници од ОВР Гевгелија го лишиле од слобода А.К. (52) од Република Бугарија. Со радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „ауди“ со брзина од 205 километри на час, на делница каде што дозволената максимална брзина изнесува 120 километри на час. За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против возачот е поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.Во текот на ноќта на 24 јануари, полицијата регистрирала уште пет случаи на возење под дејство на алкохол. Во Куманово, во 00:48 часот, бил лишен од слобода Д.М. (33), кој управувал мопед и кај кого било утврдено присуство на 1,65 промили алкохол во крвта. Во Велес, во 01:30 часот, полицијата го привела Ѕ.Р. (44) од Свети Николе, кој управувал патничко возило со 1,72 промили алкохол.Во Македонска Каменица, на магистралниот пат А-3, во 01:46 часот, бил приведен Н.В. (23) од селото Дулица, кај кого алкотестот покажал 1,65 промили алкохол. Во Гевгелија, во 03:14 часот, полициските службеници го лишиле од слобода И.М. (51) од селото Миравци, кој управувал возило со 1,52 промили алкохол во крвта.Последниот случај е евидентиран во Прилеп, во 01:50 часот, на крстосница меѓу улиците „Леце Котески“ и „Трајко Николоски“, каде што бил приведен Х.Р. (38) од Прилеп, кај кого било утврдено присуство на 1,73 промили алкохол.По целосно документирање на сите настани, против шесте лица ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за безобѕирно управување со моторно возило.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarydndrt9on4snacpK42Iq

Зошто американските технолошки компании сѐ почесто се потпираат на кинеска вештачка интелигенција?

Стотици милиони корисници секој месец го посетуваат Пинтерест во потрага по нови стилови, идеи и трендови, од креативни решенија за домот до инспирации за мода и гастрономија. Малкумина, сепак, знаат дека технологијата што стои зад препораките на оваа платформа сѐ помалку е исклучиво американска.Компанијата Пинтерест експериментира со кинески модели на вештачка интелигенција со цел да го унапреди својот систем за препораки и да го трансформира во асистент за купување управуван од АИ. Извршниот директор на компанијата, Бил Реди, изјави дека на тој начин Пинтерест станал поефикасен и попрецизен, нагласувајќи дека вистинскиот пресврт настанал со појавата на кинескиот модел DeepSeek R-1, кој беше објавен како отворен код во јануари 2025 година.Откако моделот стана слободно достапен, следеше бран на други решенија со отворен код од кинески лаборатории, меѓу кои моделите Qwen на „Алибаба“, Kimi на „Муншот“, како и технологии што ги развива сопственикот на „ТикТок“, „БајтДенс“. Иако Пинтерест можел да се потпре на бројни американски лаборатории за вештачка интелигенција, компанијата проценила дека кинеските модели нудат подобар сооднос меѓу квалитетот, брзината и цената.Главниот технолошки директор на Пинтерест, Мет Мадригал, објасни дека предноста на моделите со отворен код е во можноста компаниите слободно да ги преземаат, модифицираат и прилагодуваат на сопствените потреби, за разлика од комерцијалните модели на американските компании како „ОпенАИ“. Според него, техниките што ги користи Пинтерест за обука на сопствени интерни модели се за околу 30 проценти попрецизни од водечките готови решенија, а во исто време и значително поевтини, во некои случаи дури и до 90 проценти.Пинтерест не е единствената американска компанија што се потпира на кинеска вештачка интелигенција. Сѐ повеќе компании од листата „Форчн 500“ ги користат овие технологии. Извршниот директор на „Ербиенби“, Брајан Чески, минатата година изјави дека неговата компанија во голема мера се потпирала на моделот Qwen на „Алибаба“ за развој на својот АИ агент за корисничка поддршка, наведувајќи дека моделот е квалитетен, брз и економичен.Дополнителни показатели за растечката популарност на кинеските АИ модели се видливи и на платформата „Хагинг Фејс“, каде што се објавуваат и преземаат модели за вештачка интелигенција. Според Џеф Будје, кој работи на развој на производи на платформата, токму цената е клучниот фактор поради кој стартапите сѐ почесто се одлучуваат за кинески решенија. Тој наведува дека во одредени периоди дури четири од петте најпопуларни модели за обука доаѓаат од кинески лаборатории, а во септември моделот Qwen го надминал и „Ллама“ на „Мета“ како најпреземан јазичен модел.Со влегувањето во 2025 година, станува сѐ појасно дека кинеските компании сериозно му се приближуваат, па дури и му се закануваат на американското водство во областа на вештачката интелигенција, и покрај милијардите долари што американските технолошки гиганти ги вложуваат во развој. Извештај на Универзитетот „Стенфорд“ објавен минатиот месец укажува дека кинеските АИ модели по способности и број на корисници веќе ги стигнале, а во одредени сегменти и ги надминале глобалните конкуренти.Во интервју за Би-Би-Си, поранешниот заменик-премиер на Обединетото Кралство, Ник Клег, оцени дека американските компании се премногу фокусирани на развој на хипотетичка „суперинтелигенција“ која би можела да го надмине човекот, додека Кина ја користи таа празнина за доминација во практични и достапни модели со отворен код. Според него, иронијата е што во ривалството меѓу најголемата демократија и најголемата автократија, токму Кина прави повеќе за демократизација на технологијата.Извештајот на „Стенфорд“ дополнително посочува дека кинескиот успех делумно се должи и на силната државна поддршка, додека американските компании, како „ОпенАИ“, се под притисок брзо да остварат приходи и профитабилност. Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, неодамна изјави дека компанијата агресивно инвестира во компјутерска инфраструктура и обука на нови модели, нагласувајќи дека приходите ќе растат брзо, но и трошоците за развој ќе останат огромни.

Магазин | пред 2 месеци

media-library8lr9pkl5nglg2N9k8ki

Драмата во МОБ продолжува: Синдикатот на културата пробува да допре до Љутков за итно да реагира

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) излезе со официјален став по вчерашните јавни изјави и случувања во Националната опера и балет, поврзани со дисциплинската постапка против обоистката Татијана Петрушевска и реакциите на директорот на институцијата, Оливер Арсовски.Од СКРМ информираат дека внимателно ги следеле сите настани, вклучително и прес-конференциите на двете страни и јавните реакции на уметниците од оркестарот, при што нагласуваат дека биле директно споменати во јавноста и поради тоа чувствуваат институционална и морална обврска да ја појаснат својата улога и постапување.Синдикатот појаснува дека правната помош не била понудена самостојно или без повод, туку била побарана директно од Петрушевска, по што правниот тим на СКРМ утврдил сериозни и груби прекршувања на постапката, со елементи на непочитување на Законот за работни односи, Законот за култура и релевантните колективни договори. Документите што СКРМ ги објави, како што се наведува, се дел од активна постапка започната со моментот на суспензијата и забраната за пристап до институцијата.Во соопштението се укажува и на постапувањето на синдикалната организација при Оркестарот на МОБ, која, според СКРМ, требало најпрво да се обрати до централниот синдикат, а потоа јавно да реагира. Наместо тоа, реакцијата била објавена преку официјалната страница на институцијата, со содржина која, според СКРМ, создава впечаток дека ставот на синдикатот бил избрзан и донесен без консултација.СКРМ потенцира дека ниту една нивна јавна позиција не е индивидуален став, туку се носи со согласност на Советот на СКРМ, во кој членуваат претседателите на сите синдикални организации, вклучително и претставници на Оркестарот при МОБ. Очекувањата дека синдикатот треба да врши поединечни консултации со секој член пред јавна објава ги оценуваат како неосновани.Синдикатот нагласува дека не навлегува во причините за покренување на дисциплинската постапка, туку инсистира дека секоја постапка мора да се води строго согласно законите и колективните договори. Според СКРМ, јавните изјави на директорот се контрадикторни, бидејќи не е јасно како едно лице може да биде суспендирано, со забрана за влез и со намалување на платата за 50 проценти, а истовремено да се тврди дека не станува збор за казна.Во соопштението се потенцира дека суспензијата е исклучителна и привремена мерка која мора да биде правно и фактички оправдана и пропорционална, а секое отстапување од овие принципи го доведува во прашање легитимитетот на мерката. Дополнително загрижува, како што се наведува, јавното коментирање и навестување оставка на синдикален претседател од страна на директор на јавна установа, што според СКРМ претставува директно мешање во синдикалната автономија и кршење на синдикалните права.СКРМ очекува Министерството за култура, како надлежен орган, активно да се вклучи и да обезбеди почитување на законите, колективните договори и уставно загарантираните синдикални права, предупредувајќи дека рамнодушноста во вакви случаи значи фактичко заземање страна.Синдикатот порачува дека нема да молчи пред самоволие, институционална незаинтересираност и кршење на законите, нагласувајќи дека законот мора да важи еднакво за сите, или престанува да биде закон. СКРМ најавува дека ќе продолжи решително да ги брани работничките и синдикалните права, со цел да се обезбеди законски и правичен исход во интерес на уметниците, институцијата и јавноста.

Македонија | пред 2 месеци

puls-38

Над 2 милиони денари данок платени на државата од „Супорт Кочани“, за донираните 22 милиони денари

Иницијативата Support Kocani ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации, отворена по трагичниот настан што го погоди Кочани, при што значаен дел од средствата повторно завршија како персонален данок на доход во државниот буџет.Во рамки на третата распределба, финансиска помош добија вкупно 142 лица кои претходно поднеле и потпишале изјава за потреба од поддршка. Средствата беа распределени според утврдени критериуми и донаторска одлука, но од вкупниот бруто-износ беше задржан и платен персонален данок.За оваа распределба, по основ на персонален данок на доход (ПДД), биле уплатени 315.292 денари. Со тоа, заклучно со третата распределба, вкупниот износ на платен персонален данок за сите три распределби достигна 2.274.285 денари, од вкупни бруто-донации во износ од 22.742.997 денари.Сите средства за третата распределба потекнуваат од донација обезбедена од Македонската православна епархија за Европа, при што трансакцијата била ослободена од банкарска провизија од страна на НЛБ Тутунска банка. Вкупно донираните средства за оваа фаза изнесуваат 3.153.204 денари бруто.Според распределбата, 123 лица добиле по 15.968 денари, додека 19 лица добиле по 45.992 денари, при што исплатите се извршени по одбивањето на персоналниот данок.Од Support Kocani потсетуваат дека и во првата и во втората распределба бил применет ист принцип – средствата биле директно префрлани на сметките на најпогодените лица, а целиот процес бил јавно документиран и достапен за увид. Истовремено, нагласуваат дека иако донациите имаат хуманитарен карактер, тие подлежат на оданочување, што резултира со значителен прилив на средства во државниот буџет.Иницијативата останува посветена на транспарентност и отчетност, но податоците покажуваат дека значаен дел од хуманитарната помош за Кочани завршува како даночна обврска, што повторно го отвора прашањето за даночниот третман на донациите за настрадани граѓани.

Македонија | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања