Нафтата поевтини по најавите за можен договор меѓу САД и Иран
Цените на нафтата денеска забележаа пад на меѓународните пазари, откако медиумски извештаи поттикнаа шпекулации за можно отворање на Ормускиот теснец и смирување на тензиите меѓу САД и Иран.На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладнево се намали за 3,42 долари и изнесуваше 96,16 долари. На американскиот пазар, пак, барелот поевтини за 3,74 долари, на 90,15 долари.Пазарите од почетокот на неделата внимателно ги следат сигналите од Вашингтон и Техеран во обид да проценат дали постојат шанси за повторно нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.На почетокот од неделата трговците очекуваа дека САД и Иран би можеле наскоро да постигнат рамка за мировен договор, но оптимизмот беше нарушен по новите американски напади врз ирански цели.Американската војска соопшти дека повторно нападнала ирански пловила и ракетни позиции во Персискиот Залив, наведувајќи дека целта била „заштита на американските војници“.Техеран, од друга страна, оцени дека нападите претставуваат прекршување на примирјето и порача дека го задржува правото на одговор.Нов бран шпекулации на пазарите предизвика извештајот на иранската државна телевизија за прелиминарна рамка на меморандум за разбирање меѓу САД и Иран.Според нацрт-документот, Иран би обезбедил нормализација на комерцијалниот бродски сообраќај низ Ормускиот теснец во рок од еден месец, додека САД би ги повлекле воените сили подалеку од Иран и би ја укинале блокадата на иранските пристаништа.Иранската телевизија нагласи дека рамката сè уште не е финализирана и дека Техеран нема да преземе чекори без конкретна потврда за договорот.Аналитичарите оценуваат дека има „конкретен напредок“ кон смирување на кризата, а според нив, низ Ормускиот теснец веќе поминуваат сè повеќе танкери и бродови за течен природен гас.
Свет | пред 3 дена